Утрински Весник
Економија

За УПОЗ неприфатлив предлогот за намалување на платите во јавната администрација

Тематска годишна конференција на Синдикатот на УПОЗ

Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска преку соопштение информираше дека за нив е неприфатлив предлогот на СДСМ на вработените во јавната администрација во следните два месеца да им биде намалена платата и да земаат минимална плата.

– Синдикатот на УПОЗ смета дека предложената мерка во делот на платите е дискриминаторска, бидејќи јавната администрација и јавниот сектор се ставаат во понеповолна положба во однос на другите вработени. Предложената мерка за исплаќање на минимална плата за месеците април и мај за јавната администрација сметаме дека не е добро осмислена и таа остава само привид на некаква лажна солидарност. Доколку Владата го прифати овој предлог, значително ќе биде загрозена егзистенцијата на илјадници вработени во јавната администрација чии плати и онака се под просечната плата во државата, посочуваат од УПОЗ.

Според УПОЗ, има поприфатливи решенија со кои и јавната администрација ќе покаже солидарност во овие моменти кога државата се справува со коронавирусот.

– Со оглед на тоа што над 75 проценти од јавната администрација имаат плати пониски од државниот просек и во нормални услови едвај преживуваат, Синдикатот на УПОЗ предлага да не се задира во ниту една плата која е под републичкиот просек. Синдикатот на УПОЗ укажува дека при донесување на одлуката, Владата мора да има во предвид и некои други показатели, дека со исплата на минималната плата особено ќе бидат погодени самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработените кои живат под кирија и оние кои се единствени вработени во нивните семејства, наведува Синдикатот на УПОЗ.

За УПОЗ, предлогот е неприфатлив и со оглед на тоа што Царинската управа, Управата за јавни приходи, инспекциските служби, пожарникарите, судовите и судската полиција работат од дома со полно работно време и секојдневно се на терен. бак/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија