Скопје, 22 март 2020 (МИА) – Електронското банкарство е достапно за граѓаните и компаниите, преку компјутер или мобилен телефон од страна на сите банки во земјава. Услугите и плаќањата можат да ги прават од дома или од канцеларија. Целта воопшто на електронското банкарство е да не се прави метеж во експозитурите и филијалите, а сега има и дополнителна предност да се спречи ширење на коронавирусот.
Анализата направена од Институтот за развој на електронски комуникации покажува дека сите 14 банки во земјава на своите клиенти им нудат електронско банкарство. Ги нудат услугите преку интернет сајт на компјутер или пак преку мобилна апликација. Корисниците може плаќањето да го направат од каде било, а при немање кеш или заборавена картица може да биде решено со мобилна апликација.
Преку електронското банкарство достапи се дигитално потпишани финансиски трансакции, плаќање јавни услуги и вршење други плаќања во државата, купопродажба на девизи, пренос на средства, увид во состојбата и дневни промени во сметките, штедните влогови, картички, плаќања кон други физички лица и компании, трансфер на средства кон или од свои сметки или картички и/или штедни книшки, проверка на состојбата и прометот на сметките, увид во состојбата на одобрените кредити, промена на лимити на своите картички, известување за приливи и одливи на своите сметки и низа други поволности.
Во анализата на Институтот стои дека Комерцијална Банка е најголемата банка во Македонија, а со тоа ја држи лидерска позиција во дигиталното т.е. електронското банкарство во земјата. Нуди интернет банкарството , т.е. веб страница и две мобилни апликации.
Стопанска Банка во понудата вклучува три електронски услуги за своите клиенти: е-банкарство, м-банкарство и телефонско банкарство.
НЛБ Банка, како трета по големина банка во земјава, е меѓу лидерите во поглед на имплементација на новите технологии и канали за комуникации. НЛБ нуди класично веб банкарство, две мобилни
апликации, како и дигитален асистент преку мобилната апликација Вибер.
Халк Банка како една од најбрзо растечките банки воведува новини во делот на електронското банкарство. Освен мобилно банкарство, банката нуди и електронско банкарство преку компјутер.
Охридска Банка е купена од Шпаркасе банка и во текот на годината треба да се официјализира спојувањето на овие два играча. До тоа спојување, банките функционираат како два посебни
ентитети, а потоа ќе имаме петти најголем играч во банкарскиот сектор, наведуваат во анализата.
Охридска сега нуди електронско банкарство преку интернет страницата, како и мобилна апликација.
Шпаркасе наскоро ќе се позиционира во големата петорка, со што станува сериозен играч во земјава. Банката нуди повеќе услуги за дигитално банкарство: „Net-Banking“, „S-banking“ и мобилна апликација,
„S-Token“ за плаќања, СМС известувања, како и изводи преку меил.
ПроКредит, како и останатите, нуди два вида дигитално банкарство, електронско преку веб и мобилно преку сопствена апликација.
Универзална Инвестициона Банка, односно УНИ-Банка во своето дигитално работење нуди банкарски услуги преку веб платформа и мобилна апликација.
Битолската Стопанска Банка нуди електронско банкарство преку интернет страницата, како и преку модерна мобилна апликација.
Во Еуростандард Банка, електронското банкарство се одвива преку веб платформата „Bank4You“
и преку мобилна апликација.
ТТК Банка иако е помеѓу помалите банки, сепак го следи трендот во дигиталната трансформација, оценуват од Институтот и наведуваат дека банкарските услуги корисниците можат да ги извршуваат преку веб платформата е-Банка, која нуди проверка на состојбата на сметките и трансакции
Силк Роуд на своите клиенти им нуди веб пристап и мобилна апликација. Преку нивната веб платформа, корисниците можат да вршат финансиски трансакции, а воедно и да имаат увид во состојбите и
извештаите за нивните сметки, кредитни и депозитни производи од банката.
Капитал Банка е најмала банка во земјава, но и една од две што немаат мобилна апликација. Со тоа, електронското банкарство на нивните клиенти се сведува на пристап преку нивната интернет страница.
Исто така и ЦКБ нуди само електронско банкарство преку интернет страница. Мобилна апликација нема, иако фирмата-мајка-ЦЦБ од Софија има своја мобилна апликација.
Банките и штедилниците и по прогласената вонредна состојба работат и ги опслужуваат клиентите, но апелираат да не доаѓаат во експозитурите поради заштита и на вработените и на самите клиенти. Апелираат на користење безготовинско плаќање, а некои од нив ги укинаа и провизиите за плаќање електронски.
-Граѓаните да се воздржат од непотребни доаѓања во експозитурите и филијалите со цел да не се изложуваат на непотребен ризик. Сакаме уште еднаш да нагласиме дека банките и штедилниците остануваат отворени за соработка со клиентите, сите нивни услуги се достапни, а средствата на граѓаните се безбедни. На граѓаните им се препорачува да не подигнуваат повеќе од потребната готовина за покривање на нивните потреби бидејќи нивните пари во банките и штедилниците се безбедни и им се на располагање во секое време. Особено треба да се воздржуваат од подигање готовина во девизи бидејќи девизите доаѓаат од меѓународниот платен промет и се потенцијална зараза на Covid-19, а истите не се платежно средство во нашата земја и не се неопходни за нивните секојдневни потреби, апелираат банкарите.
Со цел заштита на вработените, дел од филијалите/експозитурите се привремено затворени, дел работат со скратено работно време, а банкоматите се сервисираат непрекинато. Клиентите, кои сепак, ги посетуваат експозитурите се замолени да чекаат надвор од објектот и се спроведуваат согласно препораките за заштита од ширење на вирусот.
Банките, веќе бараат и начин како да се исплатат пензиите на оние пензионери кои сакаат да ја подигнат во готовина. Решението ќе биде објавено.
Сузи Котева Стоименова