Скопје, 20 март 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција најави дека на седница на Влада денеска ќе побара заострување на мерките со цел спречување на ширење на вирусот, поради голем број случаи на нивно непочитување.
– Во насока на заострување на мерките ќе дискутираме денеска на Влада, имаше повеќе предлози на Комисијата, ќе реагираме пред се во однос на непочитувањето на спроведените мерки. Ќе предложам заострување на мерките во деловите каде што е регистрирано непочитување. Дозволете за тоа да информираме по седницата, рече министерот Филипче.
Во тој контекст, додаде дека според неговите информации МПЦ, Католичката црква и Исламската верска заедница, потврдиле дека во нивните објекти нема да има масовни собирања.
Најави и дека од утре ќе биде во функција Кол центарот со кој значајно ќе се зголеми капацитетот на телефонските линии, ќе одговараат стручни лица од Здравствениот дом Скопје, во кој што ќе учествуваат лекари, специјалисти по трудова и семејна медицина со цел овој проблем да се надмине.
– Во изминативе два дена навистина беше голем бројот на јавувања, посебно со појава на тој кластер во Скопје од околу два извори и токму затоа се надградуваше капацитетот и во изминативе денови, меѓутоа беше потребен временски период сето тоа се изготви и тој Кол центар со значајно зголемен капацитет ќе почне да функционира во текот на утрешниот ден, истакна Филипче.
Во врска со тоа додаде дека од контактите, од укажувањата на луѓето кои се во домашни услови и тој лично разговарал, разговарале и докторите од Инфективната клиника, а денеска во текот на денот ќе бидат исконтактирани сите, како што рече, ако тоа веќе не е завршено досега.
На прашањето дали ќе бидат тестирани специјализантите кои се во изолација поврзани со случајот со директорката на Кожната клиника, Филипче рече дека на сите лица кои се во врска со пациентката крајниот рок на истекување на домашната изолација е следниот понеделник.
– Сите ќе бидат групно тестирани. Досега ниту еден од нив не покажа симптоми на болеста. Без разлика на тоа, кај сите ќе биде направен тестот во понеделник или вторник, рече Филипче и додаде дека сите примарни контакти со докторката, како што е нејзиното семејство, немаат знаци на болест.
Во однос на масовниот скрининг, и информациите околу тоа во медиумите, Филипче појасни дека масовното скринирање не значи дека треба да се направи скрининг на сите граѓани и на целото население.
– И за тоа има соодветна индикација. Заради тоа ако многу често тоа се направи можеме да добиеме лажно негативни резултати и луѓето да се опуштат кои евентуално би биле во домашна самоизолација и после тоа таа да не ја почитуваат. А токму тоа не сакаме да се случи. Затоа и за тоа ќе има строги критериуми и во системот на закажување во Мој термин веќе е развиен алгоритам и матичниот лекар кога ќе го пополни тој алгоритам тој самиот кажува дали граѓанинот треба да се тестира или не. Тука се земени предвид податоци во однос на тоа какви биле контактите, какви се знаците на болеста, евентуално патување, евентуален контакт со ризична група, бидејки тука веќе имаме локална трансмисија. Не станува збор за скрининг на целото население, затоа што тоа нема ефект, појасни министерот Филипче. нд/дма/