Утрински Весник
Македонија

Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување кон НАТО

Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување кон НАТО

Скопје, 20 март 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување на земјава кон НАТО што претставува финален чекор за членството во Алијансата.

– Со овој документ, јас како Претседател на државата, свечено изјавувам дека Република Северна Македонија пристапува кон Северноатлантскиот договор и се обврзува посветено да ги извршува и спроведува сите одредби содржани во овој Договор. Почитувани граѓани, ова е последниот политички чин со кој нашата земја влегува и формално во НАТО алијансата. Вредеше што се вложивме, затоа што на нашите идни генерации им овозможуваме поголема стабилност, безбедност и просперитет. Нека ни е со среќа, истакна претседателот Пендаровски по потпишувањето на Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО.

Инструментот за пристапување претходно беше парафиран од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

– Со овој потпис, го исполнуваме ветувањето кон идните генерации и визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан. Една држава е силна колку што е силна нејзината војска, една држава е силна колку што се здрави нејзините демократски институции, но една земја е силна и толку колку што има пријатели. Со 29 сојузници, од сега па натаму, Северна Македонија е посилна и побезбедна од било кога. Честито татковино, рече министерот Димитров.

Претходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја информираше Владата на Република Северна Македонија дека сите земји-членки го имаат потпишано пристапниот протокол и упати покана за пристапување кон Северноатлантскиот договор. бак/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”