Гевгелија,19 март 2020 (МИА) – Според донесената одлука од страна на општинскиот кризен штаб и Советот за превенција, од денеска на терен во општина Дојран излегоа мобилните тимови кои ќе им помагаат на старите и изнемоштени лица и граѓаните од ранливите категории во примената на мерките за заштита од Ковид-19.
На локалните маркети и аптеки им се препорача да забранат влегување на граѓани без заштитни маски и ракавици, да го ограничат бројот на луѓе кои моментно се наоѓаат внатре, секој најдолго да се задржува во објектот до 10 минути и редовно да се врши дезинфекција.
Во координација со граничната полиција,на граничниот премин Дојран драстично ќе се зголемат мерките за контрола посебно на транспортерите ,а ЈПКД „Комуналец-Полин“ доби задолжение секојдневно да ги дезинфицира најпосетените места и улици во сите населени места.
Градоначалникот Анго Ангов испрати апел до граѓаните кои се во можност да им се приклучат на мобилните тимови заради поголема експедитивност и ги замоли сите наши граѓани кои сакаат да го посетат Дојран, посетата да ја одложат додека не се стави под контрола ситуацијата со корона вирусот.
Во продавниците за храна во сите населени места општина Дојран достави средства за дезинфекција и флаери со мерки за внимателност. им/см/