Скопје, 19 март 2020 (МИА) – Сојуз на синдикатите на Македонија денеска побара од Владата да донесе итни мерки откако по прогласувањето на вонредна состојба на територијата на целата држава, добиле пријави од голем број работници дека одредени несовесни работодавачи, ја користат состојбата и планираат откажување на договорите за вработување на работници од цели компании.
Мерките на ССМ вклучуваат: мораториум на сите откажувања на договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини) во период од 60 дена (мерка преземeна од страна на Италија за заштита на работниците и спречување на злоупотреби од страна на несовесни работодавачи кои го користат овој тежок период за лични интереси), исплата на платите без нивно намалување со одлагање на плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување, со тоа што во рок од шест месеци по надминувањето на тешкотиите, односно вонредната состојба, да бидат уплатени во соодветните фондови. Од ССМ предлагаат и одложување на плаќање на рати за кредити и репрограм за шест месеци за сите работници, граѓани и компании од приватниот сектор.
-Во овие исклучително тешки моменти, потребна е солидарност и заедништво па поради тоа потребно е вака предложените мерки итно да бидат донесени за никој да не остане без егзистенција и плата во време на вонредна состојба и здравствена криза. Ваквата состојба ќе помине, но прашуваме дали работниците во наредниот период ќе им простат на оние работодавачи кои ќе ја злоупотребат ситуацијата за нивната себичност. Апелираме да нема отпуштања од работа поради тоа што и вака сериозната состојба може да ескалира во незадоволстсво кое во иднина синдикатите нема да можат да го спречат, се наведува во соопштението од ССМ. вг/ дма/