Скопје, 18 март 2020 (МИА) – Мораме да имаме заштита за сите граѓани преку постоење карантин за оние кои се враќаат во државата. Мораше да се најде изолиран простор во кој ќе се направат првите епидемиолошки контроли на овие лица и врз основа на тоа да видиме каква е нивната здравствена состојба, истакна премиерот Оливер Спасовски одговарајќи на новинарски прашања во врска со условите во Пепелиште каде се сместени лицата кои се враќаат назад во државата.
– Секако условите не се најдобри, но се можни за добра изолација во првичните моменти. Ќе се прават прегледите и врз основа на тоа ќе се носат нови одлуки каде ќе се сместат. Мислам дека веќе имаме одлука каде ќе одат, а имаме и други капацитети кои тоа го прават, но треба да знаеме дека имаме ситуација во која никој не може да биде комотен. Ако сакаме комодитет, треба да се почитуваат препораките, рече Спасовски.
Додаде дека има ситуации во кои Владата кажува да се одложат патувањата, а од друга страна граѓани пред четири, пет или шест дена заминале на патување бидејќи веќе имале купено карти.
– Забраната за автобус или минибус е исто така одговорност. Не може да донесеме одлука за забрана за возење со автобус или минибус надвор од државата, а некој тоа повторно да го прави. Тоа е ризикот. Замислете да дојдеме во ситуација да ни дојдат луѓе со автобус или минибус и се заразени со вирусот, рече Спасовски. бак/скс/