Утрински Весник
Македонија

Шпанија го ратификува Протоколот за членство во Алијансата, Столтенберг: Северна Македонија, добредојде во НАТО

Шпанија го ратификува Протоколот за членство во Алијансата, Столтенберг: Северна Македонија, добредојде во НАТО

Скопје, 18 март 2020 (МИА) – Сенатот на Шпанија вчера на пленарна седница го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, по што и шпанскиот крал Фелипе Шести го потпиша документот. Властите во Мадрид најавија дека најдоцна за 72 часа ќе го депонираат Протоколот во Стејт департментот во Вашингтон, со што конечно ќе завршат сите правни процедури пред нашето депонирање на веќе ратификуваниот документ од страна на Собранието и подгигнување на државното знаме пред седиштето на Алијансата во Брисел.

Гласањето во шпанскиот Сенат беше без физичко присуство на сенаторите, поради состојбата со коронавирусот во земјата, при што ниту еден од нив не се изјасни против ратификацијата на Протоколот.

– Денес е историски ден, од 1993 се обидуваме да одиме по патот кон членство во НАТО. Денеска со оваа 29-та ратификација тој пат се затвора. Политичкиот дел е завршен, од денес па натаму се работи за форма и церемонија, истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров, додавајќи дека со ова завршува тридеценискиот процес за влез на земјава во северноатлантското семејство.

На заедничка прес-конференција во Владата со министерот Димитров, шпанскиот амбасадор во земјава Емилио Лоренцо Сера нагласи дека било многу важно Шпанија да го донесе законот за ратификација на Протоколот.

– Шпанија во Скопје. Ми преставува големо задоволство усвојувањето од страна на Сенатот на Шпанија на Законот за ратификација на Протоколот за прием на РС Македонија како 30-та членка на НАТО. Шпанија и РС Македонија ќе станат и формално сојузници што веќе де факто и се, продлабочувајќи ги на тој начин пријателските билатерални односи штом неговото височество кралот на Шпанија ќе го потпише законот и инструментот за ратификација биде депониран во Вашингтон, што секако ќе се случи многу набргу, рече шпанскиот амбасадор на македонски јазик.

По ратификацијата на пристапниот Протокол од страна на шпанскиот Сенат, се огласи генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој го честита членството на Северна Македонија во Акијансата.

– Шпанскиот Сенат го ратификуваше пристапниот Протокол за влез на Северна Македонија во НАТО. Со тоа сите сојузници и посакаа добредојде на идната 30-та земја членка. Честитки, Северна Македонија, објави на својот Твитер профил Столтенберг.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Со свој стаус на Фејсбук се огласи лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изразувајќи задоволство од ратификацијата на Протоколот за пристапување на земјава во НАТО од страна на шпанскиот Сенат.

– Испишавме историја! Во овие денови кога сите се бориме со заканата од коронавирусот, добри вести стигнаа од Мадрид. Шпанскиот Сенат пред малку го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. Со ова, сите 29 земји членки го ратификуваа Протоколот, Северна Македонија и официјално станува 30-та земја членка на најголемиот и најважен воено-безбедносен сојуз во светот, напиша Заев.

Во статусот тој истакна дека нашето знаме ќе се вее пред седиштето на НАТО, седнуваме на иста маса со развиенот западен свет, нашиот глас ќе биде рамноправен со гласовите на најмоќните држави.

– Членството во НАТО значи безбедност, сигурни граници, но и подобар животен стандард. Една од двете стратешки цели на генерации наши граѓани е остварена, затоа ќе продолжиме уште попосветено и помотивирано во остварување и на другата стратешка цел – прво преговори, па членство во ЕУ. Солидарноста и заедништвото се најсилното оружје од справување со било каква опасност. Здравјето пред сѐ, ќе се издигнеме уште повеќе и ќе успееме уште повеќе!, истакна Заев.

Ратификацијата на протоколот во шпанскиот Сенат ја поздрви и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој им честиташе на граѓаните на земјава и порача дека сега на ред е Европската Унија.

– На крај, НАТО бидна! Честитки драги граѓани. Овој наш долг ангажман исполнет со непрекинати напори денеска се заокружи со Шпанија, преку последната ратификацијата напротоколот за членство. Во ниту еден миг не се издвоивме од нашата цел и ниту еднаш не се поколебавме од оваа наша заедничка определба, истакна Ахмети.

Шпанија беше последната земја од членките на НАТО што го ратификуваше Протоколот. Процесот таму се одолжи поради изборите и формирањето на Владата. Протоколот кај нас, пак, беше ратификуван со одложено дејство, заради распуштањето на Собранието и планираните предвремени парламентарни избори. сп/нд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?