Скопје, 17 март 2020 (МИА) – Министерството за информатичко општество и администрација денеска соопшти дека салата „Една точка за услуги“ (поранешна Комерцијална Банка), ќе работи со скратено работно време. Сите шалтери ќе работат од 08:30 до 16:30 часот. Оваа одлука стапува на сила од утре (18 март), а е во согласност со мерките на Владата на Република Северна Македонија, за намалување на можноста и превенција од ширење на Корона вирусот.
Како што се наведува во соопштението, оваа одлука е донесена во координација со сите институции кои нудат услуги тука, вклучувајќи ја и Управата за водење на матични книги.
Во периодот што следи во салата „Една точка за услуги работи“, ќе продолжи да се почитува редот и динамиката на влез, со цел да се избегне ситуација кога повеќе луѓе чекаат на ист шалтер. Просториите редовно се дезинфицираат, а на вработените им се обезбедени сите потребни средства за непречено и безбедно работење, посочуваат од МИОА.
Министерството уште еднаш апелира на користење на можноста услугите кои им се потребни на граѓаните да ги добиваат по електронски пат. На порталот за е-услуги во моментов достапни се 128 услуги, кои можат да се добијат за само неколку минути од вашиот дом. Тоа значи дека потврдите и различниот вид на документи од најпосетуваните институции, како што се: Агенција за вработување, Министерство за труд и социјална политика, Фонд за здравствено и Фонд за пензиско осигурување, Централен регистар… се достапни електронски. Исто така, од минатата недела изводот од матичната книга на родени, венчани и умрени, може и да се добие по електронски пат.
Дополнително за 744 услуги, можат да се прочитаат сите потребни информации за целосната процедура за издавање. На овој начин, нема потреба да се посетуваат институциите физички за да се добијат овие информации, потенцираат од МИОА. ев/сп/