Утрински Весник
Економија

Да се избегнува доаѓање во експозитурите, да се користат интернет услуги, средствата се безбедни, апелираат банките

ССК: МФ потврди, засега се дозволува системски неконтролирана е-трговија

Скопје, 17 март 2020 (МИА) – Банките согласно препораките од Владата ги спроведува сите мерки за заштита на вработените и клиентите. Апелираат до граѓате да се воздржат од доаѓање во експозитурите и ги уверуваат дека средствата им се безбедни. За помало присуство во експозитурите преземаат мерки за поттикнување на трансакции преку интернет и мобилни апликации.

Македонската банкарска асоцијација (МБА), за МИА информира, дека заедно со своите членки, банки и штедилници, внимателно ја следи новонастанатата ситуација и ги презема сите мерки за заштита на вработените и на клиентите од Ковид-19 (корона вирус), согласно препораките на Владата на Република Северна Македонија, со цел да се спречи ширењето на вирусот.

Истовремено, додаваат дека клиентите се информирани за сите преземени мерки, што се во насока на поттикнување на трансакциите преку Интернет банка и преку мобилните банкарски апликации, за што дел од членките на МБА привремено ги укинаа провизиите и дигиталните налози помеѓу банките се реализираат бесплатно.

Банките апелираат до граѓаните да се воздржат од непотребни доаѓања во експозитурите и филијалите со цел да не се изложуваат на непотребен ризик. Сакаме уште еднаш да нагласиме дека банките и штедилниците остануваат отворени за соработка со клиентите, сите нивни услуги се достапни, а средствата на граѓаните се безбедни.

Како што наведуваат за МИА од Македонската банкарска асоцијација, на граѓаните им се препорачува да не подигнуваат повеќе од потребната готовина за покривање на нивните потреби бидејќи нивните пари во банките и штедилниците се безбедни и им се на располагање во секое време. Особено, истакнуваат, треба да се воздржуваат од подигање готовина во девизи бидејќи девизите доаѓаат од меѓународниот платен промет и се потенцијална зараза на Covid-19, а истите не се платежно средство во нашата земја и не се неопходни за нивните секојдневни потреби.

Со цел заштита на вработените, дел од филијалите/експозитурите на членките на МБА се привремено затворени, дел работат со скратено работно време, а банкоматите се сервисираат непрекинато. Клиентите, кои сепак, ги посетуваат експозитурите се замолени да чекаат надвор од објектот и се спроведуваат согласно препораките за заштита од ширење на вирусот.

МБА, како што велат, продолжува со членките да разгледува и други сценарија со цел подготвеност и брзо делување и пред се непрекината услуга за клиентите.

За сите нови мерки ќе информираат навремено.

За намалувањето на референтната каматна стапка од страна на НБРСМ, која вчера донесе одлука, наведуваат дека како и во сите претходни случаи, ќе биде предмет на разгледување, пресметки и приспособувања кај членките, по што секоја од нив ќе објави евентуални промени во каматните стапки преку своите канали за информирање. скс/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст

Соработката со „Бехтел ЕНКА” продолжува со презентации во Прилеп и во Битола за тендерските процеси и за зајакнување на учеството во локалниот синџир на снабдување