Утрински Весник
Македонија

Куртовски упати апел со поддршка до нашинците во Италија

Куртовски упати апел со поддршка до нашинците во Италија

Ростуше, 13 март 2020 (МИА) – Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски на својот фејсбук профил упати апел со поддршка до граѓаните од општината и нашинците кои живеат и работат во Италија да издржат во овие, како што наведува, тешки денови.

– Општина Маврово и Ростуше е една од оние општини чии граѓани во најголем дел се на привремена работа во Република Италија. Како градоначалник сакам во мое и во име на граѓаните на нашата општина да упатам апел со поддршка до нашите сограѓани во Република Италија да издржат во овие тешки денови, пишува Куртовски на фејсбук.

Ние сме трудољубив и трпелив народ, додава тој и нагласува, дека „секогаш смирено ги прифаќаме приликите во кои се наоѓаме и секогаш ги почитуваме наредбите и препораките“.

– Овие генерации на граѓани не биле сведоци на вакви или слични ситуации претходно, но, верувам дека со својата смиреност и почитување на препораките ќе ги пребродиме ваквите денови и ќе излеземе уште посилни и поединствени. Се молиме и се надеваме дека оваа ситуација низ целиот свет ќе заврши со добро за сите нас, пишува градоначалникот.

Иако во соседните општини Дебар и Центар Жупа има случаи на заразени од коронавирус, во општина Маврово и Ростуше, засега не е регистриран ниту заразен, ниту сомнителен случај.

Бидејќи жителите од подрачјето на Река главно гравитираат кон Дебар, пред се за шопинг и други услуги, поради близината, Куртовски апелира до граѓаните кои живеат на територија на општина Маврово и Ростуше, да се воздржат од непотребни патувања, излегувања од дома, домашни посети, од ширење на лажни и непроверени информации. вт/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Славјанка Петровска со емотивен статус се прости од двајцата загинати во сообраќајката со мотоцикл во Скопје

ДУИ обвинува за дискриминација на Албанците во Царинската управа

Најмногу дожд наврна во Крива Паланка, Виница и Струмица