Скопје, 12 март 2020 (МИА) – Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје во периодот од 5 до 11 март на телефонскиот број 193, кој е дел од кампањата „Пријави оган на отворено“, регистрирала пет пријави од граѓаните. Од вкупниот број пријави, во два случаи пожарникарите излегле на терен со противпожарни возила и го изгаснале огнот што горел на отворено. Останатите три пријави од граѓаните се проследени кај инспекторите на Град Скопје за да покренат постапка против сторителите.
– Во сезоната со зголемено загадување на воздухот, Градот Скопје ја продолжи кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Градот Скопје преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, и се справуваат со огновите на отворено, се вели во соопштението од Град Скопје.
Оваа кампања, појаснуваат од Град Скопје, се спроведува трета година по ред и досега има одлични резултати.
Градот Скопје и Бригадата за противпожарна заштита апелираат граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на палење оган на отворено, за да може огнот што побрзо да се изгаси, а сторителите да се санкционираат. сст/сп/