Утрински Весник
Македонија

Ги Ланжевин за МИА: Паднатите ангели алегорија за изгубените вредности на нашето општество

Ги Ланжевин за МИА: Паднатите ангели алегорија за изгубените вредности на нашето општество

Скопје, 10 март 2020 (МИА) –  Паднатите ангели е алегорија за изгубените вредности во нашето општество. Тоа е враќање кон моето детство, кога религијата беше многу присутна во нашите животи и кога таа ни говореше за нашите ангели чувари. Бидејќи ние веќе не веруваме во тие сили, замислувам како тие да ги изгубиле своите крила и паднале назад на земјата.

Ова во интервју за МИА го изјави канадскиот уметник и графичар Ги Ланжевин, појаснувајќи ги своите дела од серијалот „Паднати ангели“.

Во рамки на одбележувањето на деновите на Франкофонијата, во организација на Амбасадата на Канада и Националната галерија на Македонија вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата со наслов „Паднати ангели“ на Ланжевин.

Од опусот на уметникот на македонската публика ќе ѝ бидат претставени повеќе графики од серијалот „Паднати ангели“. За изложбата „Паднати агнели“, за дуалитетите, за уметноста и достигнувањата, разговаравме со г-дин Ланжевин.

Г-дин Ланжевин, вашата изложба Паднати ангели ќе се одржи во галеријата Чифте Амам, денеска во 19:00 часот. Како течеа подготовките и како се чувствувате пред изложбата?

– Морам да истакнам дека целокупните подготовки беа направени од страна на амбасадата на Канада во Белград. Тие одлучија оваа изложба да биде вклучена во активностите за одбележување на месецот на франкофонијата, и јас заради тоа сум им многу благодарен. Да се има оваа изложба во Националната Галерија на Северна Македонија е голема чест и секогаш е предизвик да презентирате дела на нови локации. Навистина сум возбуден од тоа како овие дела ќе бидат примена од публиката.

Што ве поттикна да ги создадете дела паднати ангели?

Паднатите ангели е алегорија за изгубените вредности во нашето општество. Тоа е враќање кон моето детство, кога религијата беше многу присутна во нашите животи и кога таа ни говореше за нашите ангели чувари. Бидејќи ние веќе не веруваме во тие сили, замислувам како тие да ги изгубиле своите крила и паднале назад на земјата. Во моите дела, не сакам да правам диктати, па затоа создавам визии кои му оставаат на гледачот огромна слобода на интерпретација, следејќи ги сопствените верувања, култура како и останатите елементи кои го формираат човечкото битие. Така, почетната позиција е икона од религијата, аплицирана на пропаднатото општество.

Ангелите паѓаат, тие ќе ја удрат земјата, ќе се повредат самите себеси, ќе станат човечки битија и на крајот ќе умрат.

Во Библијата „паднат ангел“ е Луцифер, отпаднат од Бога. Вашите паднати ангели се жени, голи и без крилја. Дали има поврзаност меѓу библискиот Луцифер и вашите ангели?

Во суштина нема вистинска релација со било кој црн ангел. Главно сакам да направам евокација на светлата страна на ангелите, за да тие бидат разбрани како заштитници на добрите намери. Релацијата не е толку библиска, религиозна – да, но сепак во суштина не е толку поврзана со Библијата.

Велите многу од паднатите ангели се најверојатно меѓу нас, живеат како луѓе. Сенката им е следбеник, замотани во ткаенина која не е добро скроена. Сепак, и покрај овој темен опис, на крајот велите дека стануваат луѓе. Ќе може ли да ни ја појасните преобразбата?

Тоа е еден вид предлог, деби на легендата, мит. Во многу мои дела, има алузија на класични теми или митови, некои упатувања на историјата, на легендите. Овој дел од мојот текст е почеток на приказната, легендата, лажната секако, но толку смешна за замислување. Единствената идеја да имам ангели, или поранешни ангели околу нас, беше премногу привлечна за мене. Сакав да му дадам на гледачот на изложбата насока каде што тој (таа) може да оди со своите размислувања.

Идејата за трансформација од дух во човек ми е исто така мошне интересна. Отсекогаш сме верувале на инверзен начин, станувајќи вечни со преобразувањето на нашето човечко тело во духовно. Во мојата работа, јас го предлагам инверзното и изгледа дека тоа е подеднакво веројатно како и првото.

Вие ги истражувате дуалитетите кои го карактеризираат нашето доживување на животот – светлина и темнина, сомнеж и сигурност. Но, каде се нијансите меѓу светлото и темното?

Во мојата работа, сè е нијанса. Светлината не постои без сенка. Не велам црно и бело, велам светлина и сенка. Тоа е многу е различно. Бидејќи животната светлина е бегалец и е многу кревка, ние треба да обрнеме внимание на животот во секој миг дури и во лошите времиња. Знаете овие лоши времиња ги прават добрите – подобри. Се разбира, не велам дека треба да страдаме, само треба да цениме. Човештвото поминало низ многу проблеми, војни, епидемии, природни разорувања, како индивидуи тоа навистина не ни е потребно но за човештво генерално прашањето можеби не е ни лошо. Дали ни требаат разочарувања за да растеме? Во моите размислувања, уметноста не носи никаков одговор, тоа само носи прашања и не тера да имаме рефлексии.

Ќе надвладее ли алтруизам и благородноста на душата над алчноста, лакомоста, злоба и егоцентризмот?

Тоа треба да биде! Но … Како што веќе споменав, ангелите ќе ги земат вредностите на луѓето, вклучително и парите и тогаш тие ќе бидат мртви. Нашите општества се владејани од броеви, сметки, додавања, профити. Човекот е се помалку и помалку важен како човечко суштество. Тој е важен како работник, како дел од енергијата вложена во производството. Ова е точно значењето на изразот „Ангелите кои паѓаат“.

Дали при создавањето на графиките користите само стари техники или комбинирате со нови?

Кога правам печатење, секогаш користам класични техники. Не значи дека тие техники веќе не се во можност да создаваат нови слики. Техниката е само алатка, начин да се произведе слика, уметничко дело. Маслото за сликање е далеку постаро од мезотинтата и ние сè уште го сметаме за вистинска техника. Значи, исто е и со мезотинтата и литографијата. Тие се измислени пред неколку стотици години, но сепак продуцираат ефект уникатен, тоа е причината што сè уште ги користиме. Техниката би можела да биде стара ако користите стар начин, кога правите нешто актуелно со истата техника, тоа е вистинска техника.

Како и да е, покрај мезотинтата, правам инсталации со дигитална фотографија, со исти теми, ист пристап, но со различен резултат во обем и атмосфера. Јас го користам тоа за да комуницирам со изложбениот простор. Но, главно, со една иста цел, да создадам емоција и да му поставам прашања на гледачот.

Дали сте првпат во нашата држава и што е она што ви остави силен впечаток?

Ова е првпат да сум во Скопје. Всушност, имав учество на 1-то Биенале на Скопје, но никогаш не сум бил тука. Ова е причината зошто сакав да дојдам на оваа изложба. За мене, важно е да се сретнеме со луѓето каде што моите дела имаат еден вид признание. Тоа е дел од човечките вредности што не сакам да ги изгубам со возраста. Како уметник, работев многу за да ги имам тие знаци на признавање, затоа, важно ми е да одговорам правилно и да направам повеќе од само изложба, средба.

Што беше пресудно да се насочите кон графиката, а не кон боите, односно сликарството?

Никогаш не сум бил сликар, мислам. Секако дека сум направил некаков вид сликарство, но тоа не ми беше медиум. Кога експериментирам со печатењето тоа ми одговара многу повеќе. Кога пробав мецотинта се сè смени во моите дела. Тоа е начин на размислување, многу повеќе од техника.

Во мојот уметнички живот, две работи беа моторите на мојата продукција. Цртеж, првенствено, создавајќи нешто со моите раце, манипулирам со нешто и создавам нешто ново со тоа играјки си со материјалот. Второ, фотографијата, за светлината, сфаќањето на светлината.

Mецотинтата ми дозволува да ги соединам тие две работи, создавајки слики со фотографска светлина целосно со рака, со можност да се даде значење на оваа слика.

Вие сте познат уметник. Добитник на многу награди. Сте имале повеќе од 60 самостојни изложби, 40 во Канада, 20 во странство, и 150 групни изложби во Канада и 250 меѓународни изложби во светот. Кое достигнување би го издвоиле како најдрагоцено?

Вистинското достигнувањето не е во бројот на изложби за мене, или нешто слично. Роден сум во средината на 50-тите години, во Квебек, францускиот дел на Канада, во работничко семејство. За време на тие години, кога сте родени во сиромашно семејство, јасно беше разбрано дека ништо не може да ве доведе во повисокото класа во општеството. Тогаш, 60-тите сменија сè за нас и јас сум горд, денес, за сите работи што имав можност да ги направам.

Да се биде уметник ми беше сон, дури и кога бев многу мало дете. Денес, јас имам одредено признание како уметник, не само во мојот регион, не само во мојата провинција, па дури не само и во мојата земја. Секако, јас сум горд на тоа и морам да кажам дека секогаш останувам она мало момче, кое го гледа живот со страст за создавање слики.

Ако морав да направам избор на најважното достигнување, во мојот уметнички опус секако би требал да истакнам два настана. Признанието што го добив од Меѓународниот фестивал Мецотинта како и неодамна кога бев избран од една важна фондација во Монтреал да ги претставам моите дела како еден од поважните уметници на печатење во Квебек. Се разбира, се надевам дека тоа не е последно. Како и да е, продолжувам да работам.

Ирена Радовановиќ

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме

На „Блаце“ и „Табановце“ се чека од 30 минути до 60 минути