Утрински Весник
Македонија

Мерка домашна изолација за сите кои биле во контакт со докторката заболена од коронавирус

Сопружници од Дебар позитивни на коронавирус, до 13 март без поголеми јавни собири

Скопје, 9 март 2020 (МИА) – На сите лица кои имале примарен контакт се директорка на Клиниката за кожни болести, заболена од коронавирус, им е одредена мерка домашна изолација. Клиниката ќе биде времено затворена и дезинфицирана, информираше на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека се чекаат резултати од тестирање на коронавирусот за осум лица, кои немаат поврзаност со заболената директорка. Резултатите од тестирањата се очекуваат во текот на денот.

-После сместувањето на пациентката докторка на Клиниката за инфективни болести уште двајца членови на нејзиното семејство се во домашна  изолација. Интервјуирани се сите вработени, како и пациентите на Клиниката за дерматовенерологија и со решение на Државниот санитарен здравствен инспекторат сите ќе одат во 14 дневна домашна изолација. Тоа се 64 вработени. Во домашна изолација се и 11 пациенти кои биле хоспитализирани на Клиниката и кај коишто лекувањето може да се продолжи во домашни услови и 13 пациенти коишто се лекувале во изминатава недела во дневната болница, што значи доаѓале само да примат терапија, рече Филипче.

Тој додаде дека иако се сите со различен степен на ризик од мал, среден и висок согласно интензитетот на контактирање со заболената докторка, надлежните сметаат дека треба да се преземе оваа мерка за апсолутно сите коишто биле макар и во најкраток контакт со неа.

-Во текот на викендот се одржала конференција на дерматовенеролози каде што присуствувале вкупно 103 лица, дел од нив вработени на Клиниката. Сите тие се исконтактирани телефонски, со дел од нив веќе е спроведено интервју од страна на епидемиолозите и за сите исто така е дадена мерка домашна изолација. Помеѓу нашите гости имало и тројца луѓе од Грција зашто лично го известив грчкиот министер за здравство за нивниот идентитет, рече Филипче.

Тој истакна дека директорката треба да биде разрешена, но поради тоа што сме во предизборен период не може да се направи. На новинарско прашање дали има елементи за кривична одговорност, тој истакна дека она што тие можат да го направат е во прва прилика да ја разрешат, а оти другите институции треба да преземат тоа што треба да преземат.

-И покрај тоа што антиципиравме ризици уште многу предвреме и уште многу пред нашите соседни земји ги спроведовме сите мерки на претпазливост како на аеродромот, така и на влезовите во државава, ова со што се соочивме денеска е нешто што навистина многу не разочара, рече Филипче.

Според министерот за здравство, остануваат на сила сите досега предложени мерки и препораки, а дали ќе има нови ќе се разговара утре на седница на Комисијата за заразни болести.

-Во таа смисла повторно апелирам до сите на коишто им е препишана мерката домашна изолација доколку патувале во ризичните региони да внимаваат на мерките и да се придржуваат до сите мерки коишто ние како МЗ веќе неколку недели по ред, неколкупати на ден ги повторуваме, а загрозувањето на јавното здравје е многу серозен прекршок. Никој нема да биде поштеден од одговорност. Сакам да повикам на разумност, сакам да повикам на максимално почитување на апсолутно сите препораки, рече министерот Филипче.

Тој најави дека најверојатно ќе биде затворени и Одделението за кожни болести во Штип, затоа што сите лекари присуствувале на симпозиумот во Скопје. Со оглед дека е најавено и затворање на Клиниката за кожни болести во Скопје, потенцира министерот за здравство, пациентите кои треба да бидат прегледани ќе бидат преупатувани во Градската болница „8 Септември“ во Скопје.

Во однос на осумте лица за кои се чекаат резултати од тестирањето, министерот за здравство потенцира дека не се поврзани со заболената директорка на Клиниката.

-Во овој момент се испитуваат уште осум пациенти на Клиниката за инфективни болести. Тоа е еден пациент со симптоми, кој на 26 февруари престојувал во Бугарија, развил симптоми слични на грип, исто и неговата сопруга. Се тестира и еден патник од Сингапур, наш државјанин, кој пред три дена се вратил во нашата земја, четири луѓе коишто биле во контакт од фамилијата со пациентите од Дебар кои беа позитивни на коронавирусот, како и и еден пациент од Гевгелија, рече Филипче.

Тој апелираше информации да се црпат изворно од Министерството за здравство заради тоа што, како што рече, лажни информации креираат паника.

Директорката на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска е четвртиот потврден случај заболен од коронавирусот во земјава. Таа пред една недела допатувала од Италија и изминатите пет дена редовно одела на работа. сст/дма/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер