Утрински Весник
Политички Партии

Спасовски денеска нема да сведочи за „организаторите на 27 април”

Спасовски денеска нема да сведочи за „организаторите на 27 април”

Скопје, 9 март 2020 (МИА) – Судењето за организаторите на насилствата во Собранието од 27 април 2017 година, денеска продолжи во Кривичниот суд со воведни зборови на одбраната и обвинетите.
Иако на претходното рочиште беше најавено, денеска нема да сведочат техничкиот премиер Оливер Спасовски и Михаил Младеновски, еден од обвинетите за насилствата во законодавниот дом, бидејќи немале уредни покани.
Адвокатот Еленко Миланов, кој ги брани обвинетите Трајко Вељаноски, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, во воведните зборив кажа дека уставниот поредок на државата на 27 април не бил загорзен, како што се наведува во обвинителниот акт. Тој истакна дека во текот судењето ќе докажал дека никој од обвинетите не организирал и не повикал на насилства во Собранието на 27 април 2017 година.
– Ќе докажеме дека постапување на претседател на Собранието, не може да биде сторување кривично дело. Ќе докажеме дека на 30 декември 2016 започна конститутивна седница на парламентарен состав, на парламентарна демокрација, рече адвокатот Миланов.
Според него, не може да биде инкриминиран акт комуникацијата меѓу претседателот на Собранието, во овој случај Трајко Вељаноски и неговиот вработен. Импулсивната реакција на пратеникот Зекирија Ибрахими, како што наведе адвокатот Миланов, е последниот камен од мозаикот, односно мирните протести ќе продолжеле и на 27 април, исто како и на 21 и 26 ако не била неговата реакција.
-Него го нема во диспозитивот на обвинението, освен во листата на докази на одбраната. Ќе се докаже како и на кој начин овој пратеник изреагира, кажа Миланов.
Одбраната на обвинетите за организаторите на „27 април“, исто така кажа дека ќе докажат дека немало организиран превоз на граѓани од страна на Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски.
– Ќе докажеме дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски, во ниту еден момент не биле во ниту една базна станица со лицето Александар Василевски – Нинџа, кој изјавил дека видел и слушнал како Спиро и Миле организират некого во штабот, рече Миланов.
Обвинетиот Трајко Вељаноски, во својот воведен говор рече дека оваа обвинение е по нарачка на извршната власт, односно дека Обвинителството за гонење на корупција и организиран криминал, е инструмент за уценување, исто како и СЈО.

– Ќе докажам дека конститутивната седница на 30 декември ја закажав согласно Уставот и Правилникот на Собранието. Претходно на 29 декември имав состанок со пратеници од СДСМ, БЕСА, ДУИ и Алијанса за Албанците. Од 30 декември до 27 март немав основа за закажување на конститутивната седница. Вакво барање добив на 17 март, односно во текот на февруари и март немаше барање за конститутивна седница, рече Вељаноски.

Поранешниот претседател на Собранието, сега обвинет за организирање на насилствата на 27 април, Трајко Вељаноски, кажа дека пратеникот Зекирија Ибрахими ќе го предложи за негов сведок.

-Пратеникот Зекирија Ибрахими во својот говор пееше на албански. Јас не бев запознаен што пееше, траеше 20 секунди и немаше превод. Ќе докажам дека на пратеникот не сум му дал збор преку ред како што тврди обвинителсвото. Обвинителството ако сакало да ја знае вистината ќе го сослушало лицето Зекирија Ибрахими, додаде Вељаноски.

Тој и на првото рочиште минатата недела, се изјасни како невин, а вина негираа и другите обвинети во предметот „организатори на насилствата во Собранието на 27 април“, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски и Владимир Атанасовски.

Обвинителката Вилма Рускоска, пак, тврди дека ќе докаже оти обвинетите изготвиле план со намера за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата со акти на насилство за да спречат мирно примопредавање на власта, што резултира со насилствата на 27 април 2017 година.

Во истрагата за организаторите на „27 април“ беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.

Судскиот процес го води судијата Илија Трпков.оџ/са/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Митева: Денешната оставка на Ковачевски е почеток на крајот за СДС и ДУИ

Jana

СДСМ: ДПМНЕ е осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери

Jana

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт