Кочани, 6 март 2019 (МИА) – Општина Кочани заедно со локалните граѓански здруженија и невладини организации ќе реализира активности за пошумување на околината на градот, како дел до мерките за намалување на аерозагадувањето.
Во јавниот повик упатен до заинтересираните граѓански субјекти е нагласено дека локалната самоуправа ја презема обврската од сопствениот буџет да ја плати набавката на листопадни и зимзелени садници, а здружението чија пријава ќе биде избрана за најповолна ќе треба да ја организира акцијата за пошумување.
– Средствата за активноста се обезбедени со Програмата на Општина Кочани во областа на заштитата на животната средина во 2020 година, а обврска на заинтересираните граѓански здруженија е да предложат единечни цени за потребниот број садници, како и соодветни локации за нивно засадување во урбаниот дел на градот Кочани. Критериум за избор на здружението со кое Општината ќе ја оствари соработката за склучување на договор е најниската понудена цена, истакнаа од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.
Во зависност од условите што ќе бидат ппонудени од страна на здруженијата, локалната самоуправа на Кочани може да склучи еден или повеќе договори за соработка, при што таа ја презема и обврската дополнително да го определи терминот и динамиката на пошумување.
Иницијативата за заедничка соработка со невладиниот сектор на локално ниво од Општината го образложуваат со потребата за координирано и поефикасно спроведување на активностите од програмата за заштита на животната средина, посебно во делот на подобрувањето на квалитетот на амбиенталниот воздух. та/цр