Скопје, 6 март 2020 (МИА) – Беса ќе има свои претставници во Избирачките одбори на предвремените парламентарни избори на 12 април. ДИК доставила барање за предлози за членови во Избирачките одбори до четирите партии од власта и опозицијата кои на последните избори освоиле најмногу гласови – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Беса.
– Согласно со законот, испративме до оние кои на минатите избори освоиле гласови за да бидат власт и опозиција и пративме повик да достават предлози до денеска до полноќ, рече Деркоски.
Дилемата дали Беса треба да има свои претставници во избирачките одбори ја отвори Алијансата на Албанците и нејзиниот лидер Зијадин Села, откака партијата на Билал Касами предизборно коалицираше со владејачката СДСМ.
Во однос на платеното политичко рекламирање, Деркоски е дециден дека за тоа треба да се договорат политичките партии, како што и во минатото го правеле.
-Никогаш ние не сме го определувале тоа кој, кога, кому. Во минатото седнувале, си го распределувале просторот колку минути, колку секунди, согласно рамката на законот, рече Деркоски.
Претседателот на ДИК додаде дека партиите односно тие што ќе се кандидираат имаат законска рамка во која точно е определено кому колку минути му следува. Минатите избори, вели тој, седнуваа и се договараа кој колку да користи од тој простор. Ние не можеме да им кажеме.
-Ние треба да водиме сметка за исплатата на парите и таа исплата да не надмине 45 проценти, односно три милиони 600 илјади евра или две евра по запишан избирач. Значи, се над тоа ДИК нема да го плати. Затоа е добро, како што секогаш седнуваат, да си седнат и да се договорат за искористување на просторот, рече Деркоски.
Во подрачните единици и канцеларии на ДИК, до вчера увид во Избирачкиот список направиле 5.725 граѓани, а претседателот на ДИК апелираше до граѓаните да си ги проверат своите податоци и уште еднаш повтори дека нема да може да се оствари правото на глас доколку граѓаните немаат важечка лична карта или пасош.
– Во Избирачкиот список ќе бидат сите граѓани кои на денот на изборите ќе имаат наполнето 18 години, но ќе можат да гласаат само оние со важечка лична карта и пасош, рече Деркоски.
За гласање во дијаспората досега се пријавиле 2871 македонски државјанин, но за да се организира гласање таму потребни се пријави од најмалку 6.540 наши граѓани.
Вечерва на полноќ истекува рокот за собирање на потписи за независните листи. Досега најмногу има собрано 255 листата на група избирачи предводена од Горан Тасковски, во Изборната единица 5. ев/лв/