Европската Комисија (ЕК) во краткиот извештај што го објави во понеделникот, препорача Европската Унија (ЕУ) да отпочне преговори со Северна Македонија и со Албанија за членство во Унијата, а меѓу позитивните забелешки, ЕК спомена дека земјата преземала значителни чекори за зајакнување на независноста на судството, го подобрила учинокот во борбата против корупцијата и организираниот криминал, а постигнала напредок и во реформите на разузнавачките служби и на јавната администрација. Посебно беше одбележана и Стратегијата за транспарентост на Владата на Република Северна Македонија, која беше еден од главните пунктови на реформата на јавната администрација.
Стратегијата е резултат на препораките кои произлегуваат од Индексот на отвореност, а Фондацијата „Метаморфозис“ даде голем придонес во нејзиното креирање преку проектот ACTION SEE, финансиран од Европската унија.
Во мини-извештајот на ЕК предмет на дополнителен скрининг беа реформите во судството, во безбедносниот сектор и на јавната администрација. Во однос на судството, извештајот на Европската Комисија нотира засилено темпо на имплементацијата на реформите.
Во прилог на тоа оди и новиот Закон за Јавно обвинителство кој за ЕК е гаранција дека ќе се обезбеди владеење на правото и дека предметите на СЈО целосно ќе се затворат со правосилна пресуда. Европската Комисија нотира позитивни реформи и во секторот за безбедност и разузнавање каде што се потенцира новиот закон, но и активирањето на Оперативно – техничка агенција (ОТА) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Во извештајот се заклучува дека постои засилен надзорен капацитет во службите, но и на Собранието кон безбедносниот сектор. Во однос на реформите во јавната администрација се потенцираат владините активности за поголема транспарентност манифестирана со донесување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021, но и со воведување на бази на податоци за поголемна отчестност и напорите за дигитализација (е-портал) и олеснување на пристапот на граѓаните кон услугите на институциите.