Утрински Весник
Македонија

Шилегов: Инверторите стартуваат наскоро, аплицирањето или електронски или по стандардна процедура  

Шилегов: Инверторите стартуваат наскоро, аплицирањето или електронски или по стандардна процедура   

Град Скопје привршува со подготовките околу објавувањето на огласот за субвенционирање на граѓаните за купување на инвертори како замена за нееколошките начини на загревање на домаќинствата, но нема прецизна информација кога конечно ќе заврши постапката.

„При крај сме со постапката за огласот за инверторите. Потребно е да се усогласиме уште само со Министерството за информатичко општество околу нивното барање да се даде опција за електронско аплицирање на граѓаните за парите за инвертори. Доколку не се усогласиме до крајот на неделава, идната недела Градот ќе го објави повикот на вообичаениот начин, онака како што беше правено и изминативе години во врска со субвенционирање на инверторите“, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Според Шилегов, предизборниот период нема да влијае на процесот во смисла на забавување на процедурата околу субвенционирање поради тоа што ќе се случува среде предизборната кампања за предвремените парламентарни избори бидејќи се работи за активност која е предвидена во годишната програма на Град Скопје, а за целата постапка била консултирана и Антикорупциската комисија, па оттаму не би требало да има проблеми.

Градот информира дека, согласно одлука на владата, донесена на крајот на 2019 година, беа одобрени и префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје 322,4 милиони денари. На седница на Советот на Град Скопје беше донесена одлуката за ребаланс, со која се прифатени средствата, а во моментов се вршат подготовки за распишување на повикот за доделување на субвенции.

„Со овој јавен повик граѓаните ќе можат да аплицираат за ваучер со максимален износ од 60.000 денари, за набавка на инвертер клима уред за затоплување, а истиот ќе се однесува за домаќинствата што користат дрва или фосилни горива за греење, а не се опфатени со централното греење во Скопје или со гасоводната мрежа во оние градови каде веќе е почната гасификацијата“, велат од Град Скопје.

Веќе е извесно, сепак, дека ефектите од оваа мерка на Владата во поглед на намалување на аерозагадувањето ќе можат да се почувствуваат најрано следната грејна сезона.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал