Скопје, 4 март 2020 (МИА) – Општина Карпош ќе биде првата локална самоуправа која ќе го ресетира Младинскиот совет според новиот Закон за младинско учество и младински политики. Општината, како што денеска информираа оттаму, ги презела и обврските за отворање на канцеларија за млади, обезбедување на младински службеник и одвојување на 0,1 проценти од локалниот буџет на годишно ниво наменски за младите.
За ова и за други прашања денеска разговараа градоначалникот Стефан Богоев и претставници на институции, младински организации, политички подмладоци, заедници на средношколци и други организации кои работат со млади.
– Целта на новиот закон е целосно да ги вклучи младите во процесот на одлучување, но и да се креира едно младинско тело кое ќе дава креативни идеи и ќе биде гласот на младите на локално ниво. Јас сум најмлад градоначалник во нашата држава и мило ми е што Карпош ќе биде првата општина, која ќе го ресетира Младинскиот совет по новиот закон. Претходно сум бил дел и од Собранието и знам колку е важно да опстанеме на идејата да обезбедиме подобар живот за младите во сите области, рече Богоев, на чија иницијатива се одржа денешната средба.
Младинскиот совет може да иницира решавање на различни проблеми со кои се соочуваат младите на локално ниво. Можат да даваат иницијативи за изведба на спортски игралишта, вело – зони, да одржуваат едукативни работилници, но и да организираат свирки, меѓугенерациски дружби и сл.
На јакнење на капацитетите на Младинскиот совет ќе работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која подготвува прирачник за работа на Советот.
Во претстојниот период, од Општина Карпош најавуваат и статутарни измени во делот на Младинскиот совет и започнување на постапката за формирање на Иницијативен одбор за избор на Младинскиот совет. бак/са/