Утрински Весник
Економија

Да се искористи креативноста на инженерите за одржливоста на градовите

Да се искористи креативноста на инженерите за одржливоста на градовите

Скопје, 4 март 2020 (МИА)  – Со креативноста и иновативноста на инженерите градовите може да станат одржливи и подобро место за живеење. Како што инженерите проектираат и градат објекти и сообраќајници, тие можат и да понудат решенија за загадувањето како најголем предизвик во урбаното живеење, но потребна е финансиска поддршка на нивните идеи. Инженерската фела апелира и што поскоро да се усвојат еврокодовите. Се поголем предизвик е и малиот интерес за инженерски студии, но и масовниот одлив на произведениот кадар.

Такви укажувања беа упатени денеска на одбележувањето на Светскиот инженерски ден што првпат се одржува кај нас, во организација на Комората на овластени архитекти и инженери.

Миле Димитровски, претседател на Комората, на свеченоста потенцираше дека предизвик за сите нас е како ќе се одвива натамошниот живот во градовите. – Голем дел зависи од инжинерите како ќе се гради и од социологијата  како ќе се однесуваме кон градот, зградите, итн. Ние сме сервисни занимања кои ги градиме градбите, ги одржуваме, правиме да бидат функционални, но  тие треба да бидат во интерс на граѓаните и нивното нормално живеење.  Сметаме дека таа задача досега успешно сме ја исполниле, а се надевам дека така ќе биде и во иднина, изјави Димитровски.

Како што вели, инженерите работат според стандарди и со европски искуства и во тој дел квалитетот на градбите не може да се спори, туку нивното распоредување и урбанистичките планови.

Инжинерите, смета тој, се единствените кои можат да направат нешто во справувањето со загадувањето бидејќи тие и го создаваат проблемот.  – Индустриски капацитети, возила, прашина од градба, значи ние го создаваме и ние треба да го решиме. Мислиме дека инжинерите имаат капацитет да го решат, но треба да се најдат финансиски средства за поткрепа на таквите идеи. Би почнале од се, првин од историја на болеста, а потоа еден по еден би ги решаваме проблемите. Но, мора да работиме здружено сите, секој во своето поле да одработи тоа што го знае најдобро. И граѓанските организации имаат своја улога, но кога ќе му дадете  на некој да го решава проблемот со сообраќајот, тоа треба да биде сообраќаен инженер, машинец, кој ќе го усогласи сообраќајот за да има помало загадување, рече Димитровски.

Анастасија Трајковска, од одделението на архитекти при Комората, ја потенцираше важноста од интердисциплинарен пристап на сите инженери за подобар живот во градовите. Целта е да ги направиме градовите поодржливи.

-Со оглед на тоа што основните цели на  одржливиот  развој се подобрување на животната средина, заштеда на енергијата и контрола на урбанот развој, ова не инволвира сите нас инженери кои сме дел од комората да настапиме интердисциплинарно за да можеме да ги направиме нашите градови поодржливи, попријатни и да ни обезбедат подобри услови за живот. Ваквите можности во нашата земја согласно со законската регулатива не се многу големи. Целта не е да критикуваме, туку да покажеме дека креативноста и иновативноста на инженерите можат да ги совладаат сите препреки и да ги обезбедат основните цели за одржливиот развој согласно агендата на ООН, која е и водилка за воспоставување на овој ден. Целта е да ги направиме одржливи, изјави Трајковска.

Димитровски го повтори проблемот со недостаток на студенти на факултетите, но и тоа што мал дел од тие кои дипломираат остануваат во државата. – Мал дел се одлучуваат да останат тука и да работат,  што е веројатно жално за нас и за нашите инженери, но се надевеме дека скоро ќе дојде време кога тие со нови знаења и практики ќе се вратат во државата, потенцира Димитровски.

Факултетите им даваат теоретска надградба на инженерите, по што им требаат две-три години за да го научат како што треба занаетот. Комората им дозволува по втората година искуство да аплицираат за овластување, а за сложените работи по пет години искуство.

На Светскиот ден на инженерството во Скопје беше упатен апел и што поскоро да бидат усвоени еврокодовите,  што се доставени до Владата по долгогодишен процес низ институциите, а отвораат многу можности за фелата. Кај нас се работи по стандарди и прописи, но без нивната примена не може кај нас да проектира европска фирма затоа што не може да ги исклучува европските стандарди.

– Направија хармонизирана регулатива на ниво на ЕУ за да можат да бидат компатибилни и да може некои инженери од Данска да проектираат каде било во Европа, со тоа што ќе се повикува на параметри карактеристични  за таа земја, но принципот на работа, теркот е хармонизранм за сите. Дали сакаме ние да бидеме такви е наша определба. Ако сака некоја наша фирма да работи за Австрија не може да го прави по наши прописи, туку по еврокодови, укажа професорот од Градежниот факултет Петар Цветановски.

Во Комората на овластени архитекти и инженери членуваат 3 500 инжинери од 12 професионални  одделенија, градежништво, електроитехника, машинство, сообраќај, животна средина…лв/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст