Утрински Весник
Македонија

Ромео за МИА: Италија одлично се справува со Ковид-19, но се шират лажни вести кои и штетат на земјата

Ромео за МИА: Италија одлично се справува со Ковид-19, но се шират лажни вести кои и штетат на земјата

Скопје, 4 март 2020 (МИА) – Италија се соочува со деликатна ситуација што зафаќа глобални размени, но, како што оцени италијанскиот амбасадор во земјава Карло Ромео во интервјуто за МИА, италијанската Влада навремено реагирала на вонредната состојба предизвикана од опасноста од епидемијата од Ковид 19, што беше позитивно оценето од Светската здравствена организација и од Европската Унија.

Само 0,05 проценти од италијанската територија и 0,089 отсто од италијанското население подлежат на рестриктивни мерки.

Состојбата, како што посочи Ромео, не е толку сериозна како што е опишано во некои медиуми, со оглед на тоа дека 80 отсто од заразените имаат само благи симптоми, 15 проценти закрепнуваат преку медицински третман и само пет отсто имаат посеризно симптоми, честопати како последица од претходно компромитирана здравствена состојба.

Италија се соочува со најголем број заразени со коронавирус во Европа, а не е мал и бројот на смртни случаи. Се спроведуваат бројни мерки, но затаи ли некаде здравствениот систем и дали се утврдени причините за таквата состојба?

– Од првиот ден, од кога избувна кризата на 23 февруари во Италија се преземени драстични мерки за намалување на опасноста од ширење на заразата. Италијанската Влада одлично се справува со состојбата созадена со корона вирусот, максимално е транспарента и е во постојана комуникација со меѓународните партнери. Владата соработува со соседните земји со цел усогласување на протоколите и да се усвојат еднакви постапки за контрола врз лицата кои влегуваат во односната земја, нагласи Ромео.

Тој посочи дека во Италија се спроведени над 21.000 тестирања по пат на брис, што е далеку поголем број од она што се спроведува во другите европски земји, а процентот на позитивни случаи изнесува околу 4,8 проценти.

– Бројот на заразени е нашто над 2.000 лица, бројот на целосно закрепнати е 149 лица и е во постојан пораст, што е прилично голема бројка. Бројот на починати лица е 52, наведе Ромео.

Тој посочи дека се во постојана комуникација со италијанското Министерство за надворешни работи и за меѓународна соработка и оти постојано добиваат ажурирани информации за состојбата во Италија со цел истите да ги споделат со локалните власти.

Во однос на состојбата на терен, Ромео истакна дека ситуацијата се одвива со голема брзина и постојано се менува. Изрази надеж дека оваа недела ќе биде значајна бидејќи, како што рече, ќе започнат да се гледаат резултатите од строгите мерки што ги презема италијанската Влада со цел намалување на зоните каде се среќава ширењето на заразата и забавување на брзината со која се шири.

– На 2 март Владата донесе нова уредба со мерки на претпазливост кои имаат за цел да се спречи понатамошно ширење на вирусот, рече италијанскиот амбасадор.

Дали е утврдено како се заразил првиот пациент со коронавирус во Италија?

Сите кинески туристи кои први беа хоспитализирани во Рим и беа позитивни на коронавирус, откако беа згрижени на лекување во Националниот институт за заразни болести „Лазар Спаланцани“, потполно се опоравени.

Има ли некакви најави за нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, освен тие мерки што веќе се спроведуваат?

– Мерките се во тек, некои ќе бидат на важност до 8 март, некои до 15 март. Се разбира дека се ќе зависи од развојот на настаните. Доколку се увиди дека се намалува брзината на ширењето на заразата, како што сите се надеваме, тогаш се разбира дека ќе се адаптираат мерките на новонастанатата состојба, но како што знаете се е во постојано движење, одговори Ромео.

Тој наведе дека италијанската Влада постојано соработува со соседните држави со цел да ги усогласи протоколите за контрола на патниците кои ги преминуваат границите и да се усвојат еднакви и единствени постапки за контрола врз лицата кои се разминуваат меѓу овие држави.

Каква е поддршката на меѓународната заедница за вашата земја во напорите за справување со коронавирусот и каква е соработката меѓу италијанските и македонските здравствени власти?

– Италијанската Влада е во постојано соработка и комуникација со меѓународните партнери, но за жал сведоци сме на загрижувачко ширење на лажни вести, различни алармирачки и загрижувачки информации кои се шират за состојбата во Италија, кои сепак не се во согласност со ситуацијата во Италија што е значитено во многу голема мера ограничена на само многу мал број општини и многу мал дел од италијанската територија, нагласи Ромео.

Италијанскиот амбасадор, додаде дека начинот на кој што се претставува ситуацијата во Италија во странските гласила и прави голема штета на државата.

– Министерот за надворешни работи и меѓународна соработка Димајо, во едно интервју денеска, изјави дека италијанската Влада ќе реагира на оваа ситуација и ќе побара да се смени пристапот на кој се третираат информациите во врска со тоа што се случува во Италија. Се разбира дека сите странски авторитети се слободни да преземаат мерки, рестрикции кон италијанските граѓани, кон Италија, меѓутоа се надевам дека пријателските земји, ќе преземаат мерки кои се засноваат на рационалност, на дијалог и на размена на информации и оти нивните мерки ќе се основаат пред се на објективни податоци и научни сознанија, потенцираше Ромео.

Во однос на соработката со македонските здравствени власти, амбасадорот нагласи дека имаат постојани контакти и оти се се одвива во најдобар ред.

– Ние постојано имаме контакт со министерот за здравство на Северна Македонија. Завчера, на пример, италијанскиот потсекретар за надворешни работи Иван Скалфарото оствари телефонски разговор со македонскиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски, со цел да го информира за последните случувања во Италија. Жерновски се заблагодари за транспарентноста и одличната комуникација. Двајцата оценија дека е многу важна транспарентната комуникација со цел размена на точни информации, објасни Ромео.

Тој оцени дека, вонредната состојба што се случи во Италија, ја покажа подготвеноста на здравствениот систем во земјата.

 

– Здравствениот систем во Италија многу добро се справува со ситуацијата. Треба да нагласиме дека здравствениот систем – јавното здравство е бесплатно за сите граѓани, не само за државјаните на Италија туку и за странците. Сите се згрижени, сите се покриени со здравствена заштита. Така што може да се каже дека во глобала целата вонредна состојба се одвива релативно добро, оцени Ромео.

Дали граѓаните на Италија сериозно ги сфатија повиците на Владата и на докторите да не се шири паника? Се празнат ли маркетите? Има ли покачување на цените на заштитните маски, на средствата за дезинфекција…

– Постоеа изолирани епизоди на празнење на рафтовите од супермаркетите. Тоа се случи само првиот ден кога се појави веста за ширење на заразата во Италија и тоа беа само неколку ситуации кои не ја отсликуваат состојбата во целата држава. Едноставно некои луѓе сакаа само да се снабдат со поголема количина на прехранбени производи нешто што е ирационално, неоправдано, особено што ситуацијата во државата не наметнува таква потреба, одговори италијанскиот амбасадор во земјава.

Во однос на покачувањето на цените на продуктите потребни за зашитита од вирусот, Ромео посочи дека станува збор само за една измама водена од некоја конкретна ситуација, што се открила благодарение на интервенција на финансовата полиција. Реагирано е и сега ситуацијата е под контрола.

Што им препорачувате на македонските граѓани кои ги откажуваат аражманите во Италија?

– Се разбира дека секој има право лично да одлучува за своите постапки. Меѓутоа, многу е важно одлуките да се носат рационално, а не ирационално. Јас се надевам дека мерките што италијанската Влада и што сите ние ги преземаме, за сузбивање на ширењето на оваа состојба, што побрзо ќе вродат со плод и се надевам дека Италија ќе успее да излезе од настанатата ситуација и повторно ќе биде земја во која што сите со задоволство ќе сакаат да одат по работа, туризам и задоволство, одоговори италијанскиот амбасадор.

Европската комисија оцени дека Северна Македонија остварила значаен напредок во сите области и му препорача на Европскиот совет да донесе позитивна одлука. Каква е вашата оценка, ќе добие ли Северна Македонија зелено светло за датум за почеток на преговори со ЕУ на Самитот на Европскиот совет на крајот на месецов?

– Тоа е одлична вест, рапортот за Северна Македонија и за Албанија кој потврдува дека е постигнат одличен напредок на земјите на патот кон евроинтеграциите. Ние како Италија тоа го очекувавме. Сметаме дека конечно постојат сите услови за Северна Македонија да го добие датумот за преговори. Не дека претходно условите не постоеја, тие постоеја и во октомври минатата година и во јули минатата година. Меѓутоа, сега веќе сите оние пречки што постоеја сметаме дека се надминати и дека конечно можеме да очекуваме отворање на преговорите. Двата елементи кои се очекуваа во меѓувреме – ревизијата на методологијата беше прифатена, односно беше позитивно оцената од сите земји членки на Унијата и вториот елемент беше оваа препорака – документ кој го очекувавме да излезе од Европската комисија, кој е позитивен и ги препознава сите напори кои државата ги вложи во постигнување на резултатите во реформите и во сето она што од неа беше побарано. Ние како Италија сметаме дека не постојат повеќе изговори за понатаму да се одложува датумот за преговори. И се надеваме, очекуваме дека тоа ќе се случи во Загреб, оцени италијанскиот амбасадор.

На повидок е нова мигрантска криза. Подготвени ли се земјите од ЕУ за евентуален мигрантски бран, имајќи го предвид фактот што илјадници мигранти се на грчко-турската граница. Дали Италија е подготвена за нов бран мигранти?

– Пред се, се надевам дека нема да има нова мигрантска криза, дека нема да се отвори повторно ова големо прашање на истиот начин. Вчера на турско-грчката граница имаа мисија претседателот на Европската комисија, претседателот на Европскиот совет и претседателот на Европскиот парламент. Тие таму се сретнаа со цел да видат на лице место каква е ситуацијата и да соочат со состојбата за да може потоа да се изнајдат соодветни решенија за овој проблем. Оваа недела е свикано вонредно Собрание на министрите за надворешни работи на ЕУ, под хрватско претседателство и на колегите Хрвати им се заблагодаруваме за брзата реакција. Се работи веќе на случајот и се надеваме дека има простор да се најде најдобро решение за да може оваа ситуација да се реши веднаш. Како и сите други слични ситуации ќе се решава во тек на случувањето на работите во од, еве веќе работиме на случајот и оваа недела ќе се разговара на високо ниво, одговори Ромео.

Симона Митровска

Фото: Фросина Насковиќ

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал