Кавадарци, 3 март 2020 (МИА) – Земјоделско-шумарското средно училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци стана енергетски ефикасно со градежни работи на фасадата и покривот, преку грант од Кралството Норвешка.
Околу 290 ученици и вработени во оваа воспитно-образовна установа изградена 1956 година, добија подобри услови за престој. Вкупната инвестиција чини 84 илјади евра од кои четири илјади евра се обезбедени од општина Кавадарци. Со овој зафат се очекува до 35 отсто намалување на сметките за електрична енергија, заштеда што ќе се користи за дополнително подобрување на условите за настава и работа во училиштето.
Според градоначалникот Митко Јанчев, станува збор за проект за подобрување на животната средина. Азбестниот покрив е заменет со безбедни материјали. Расте и интересот за училиштето. Така, сега има над 250 ученици за разлика од пред две години кога имало само 100 ученици.
Норвешкиот амбасадор Јерн Јелста посочи дека нордиската поддршка е околу 4,5 милиони евра неповратни средства зза општините.
– Заштитата на животната средина е втората важна тема на која се посветуваме, а која е многу значајна. Со поддршка на градоначалникот, ние сме во фаза на поддршка на вакви проекти за заштита на животната средина, во висина од 320 илјади евра, изјави Јелста, изразувајќи надеж дека земјава наскоро ќе ги започне преговорите со Европската Унија и оти ќе користи средства за заштита на животната средина.
Средствата за училиштето се дел од четирите грантови за инфраструктурни проекти, доделени на четири општини преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија”,спроведуван од Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги УНОПС. свд/бак/