Утрински Весник
Македонија

Трошиме малку гас и затоа скапо го плаќаме

Трошиме малку гас и затоа скапо го плаќаме
Пазарот на природен гас во државава беше и остана недоволно развиен со мала потрошувачка и мал број на активни трговци и снабдувачи. Тоа е така, иако е целосно либерализиран уште од 2015 година, што значи цените се формираат слободно на пазарот од страна на учесниците. Според Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), во 2019 година има 4 субјекти кои увезуваат природен гас во земјава, тоа се „Макпетрол“, ТЕ-ТО, „Когел стил“ и ТЕ-ТО Гас Трејд, која врши увоз и за свои, сопствени потреби. „Макпетрол“ снабдува најмногу потрошувачи, додека најголеми количества тргува ТЕ-ТО „Гас Трејд“. „Макпетрол Промгас“ е компанија која ги снабдува потрошувачите од системот за пренос на природен гас во Скопје, а потрошувачите приклучени на дистрибутивните системи воедно се снабдуваат од  „Куманово гас“ и ДТИРЗ “. Додека „Струмица гас“ е виртуелен дистрибутивен систем, кој не е приклучен на преносната мрежа. „Кај потрошувачите кои што се приклучени на системите за дистрибуција на природен гас, во продажната цена за природниот гас, покрај трошокот за набавка на овој енергенс, вклучени се и тарифите за пренос и за дистрибуција и соодветните маржи за снабдување“, вели Славко Бундалески, раководител на секторот за природен гас, течни горива и топлинска енергија во РКЕ.   Тарифата за пренос на природен гас што ја утврди Регулаторната комисија за енергетика за 2019 година, бележи намалување за околу 12 проценти однос на истата тарифа за 2018 година, што позитивно влијаеше и на малопродажната цена на природниот гас за минатата година. Просечната цена на тарифата за пренос за системот на природен гас за 2019 година изнесувала 1,27 денари за нм3, а цената за услугата за дистрибуција од 2,71 до 3.00 денари за еден нм3 (нормален кубен метар). „Колкава е увозната цена на гасот, зависи од тоа како ќе се договорат трговците, главно „Макпетрол“, со руски „Гаспром“, кој е главен ино-добавувач на овој енергенс во Македонија. Цената не е регулирана од државата, туку се формира слободно на пазарот веќе петта година. Македонија во оваа смисла го следеше примерот од повеќе земји од регионот и пошироко. Така, Регулаторната комисија за енергетика, 5 години не учествува во формирањето на продажните цени, туку само ги определува тарифите за пренос и за дистрибуција на природен гас и доделува лиценци за вршење на дејности од областа на природниот гас, согласно Законот за енергетика“, појаснува Бундалески. Поради фактот дека гасот е берзански енергенс, главните партнери, производителот и увозниците, ја договараат цената на секои три месеци, а таа се формира според посебна формула која е дефинирана во нивните договори. Во формулата се земаат во предвид просекот на берзанските цени на одделни нафтени деривати од претходниот деветмесечен период во годината, како и движењето на курсот на доларот спрема денарот. Најголемо влијание во крајната цена на гасот ја определуваат количините на природен гас кои се набавуваат. Во оваа цена што ја плаќаат сите корисници на пазарот со природен гас, вклучени се и тарифите за пренос и дистрибуција, како и соодветните маржи за снабдување.
 
Пазарно учество на трговците и снабдувачите на пазарот на големо со природен гас во 2018 година
Висината на крајната цена на гасот зависи од повеќе фактори, а најмногу од тоа колкава е берзанската цена на одделни нафтени деривати, курсот на денарот во однос на доларот, количините што се купуваат и конкурентноста на пазарот. Колку повеќе компании-снабдувачи има на пазарот и колку повеќе се во игра и други продавачи на гас од странство, толку ќе паѓа и цената на пазарот. Македонија е мал пазар на природен гас, со мала конкуренција, со една конекција и еден извор, поради што нема услови за значајно намалување на цената на природниот гас, потенцираат од РКЕ. „Колку помалку се купува, толку е цената повисока, и обратно. Значи, ако се зголеми побарувачката, односно ако се појават на пазарот повеќе потрошувачи, тоа автоматски значи дека може да дојде до намалување на увозната цена на овој енергенс. Затоа Македонија, како релативно мал потрошувач на гас, во споредба со соседните земји, а посебно европските, плаќа повисока увозна цена на гасот. Моменталната цена на пазарот изнесува околу 300 долари за 1,000 метри кубни гас. Минатата година сме увезле вкупно 295 милиони мери кубни гас, од кои за потребите на дистрибуциите се дистрибуирани околу 6 милиони метри кубни природен гас. Треба да се спомене дека има раст во потрошувачката. На пример, пред 10 години Македонија трошеше околу 100 милиони метри кубни природен гас годишно, а 2019 година се смета за рекордна година во потрошувачката, кога се потрошиле околу 295 милиони нм3“, вели Бундалески. Од областа на природниот гас, во периодот од 2004 до 2019 вкупно се издадени 43 лиценци, од кои активни се околу 12, а лани се издадени вкупно 2 лиценци. Компаниите во скопскиот регион се речиси сите гасифицирани, а гасот главно се користи во производството. Како најголеми потрошувачи се ТЕ-ТО и сите ТИРЗ зони, пред сѐ, најголемите две во Бунарџик, како и оние во Куманово и во Струмица, каде се изградени системи за дистрибуција. Последниот извештај на РКЕ покажува дека во 2018 година во дистрибутивната мрежа на ДТИРЗ Скопје, „Куманово гас“ и „Струмица гас“, имало вкупен број на потрошувачи 382, но овие бројки се менуваат од година во година, зависно од тоа колку има нови компании и нови индивидуални домаќинства. Најголеми потрошувачи на гас се производителите на електрична и топлинска енергија и топланите, кои во текот на 2019 година учествуваат со 81 проценти во вкупната крајна потрошувачка. По нив се компаниите, најмногу од металната индустрија. Македонија е целосно увозно-зависна од гас и е поврзана само со еден главен гасовод. Целото количество се увезува од Русија, преку меѓународниот коридор 8, од Украина, Молдавија, Романија и Бугарија. Гасоводната цевка влегува кај Деве Баир и преку Крива Паланка, Кратово и Куманово завршува кај Скопје, во должина од 98,197 километри. Вкупниот капацитет на системот за пренос на природен гас изнесува 800 милиони метри кубни годишно, со работен притисок од  54 бари, при дијаметар на магистрален вод од 530 милиметри. Капацитетот може да се зголеми до 1,200 милиони нм3, со изградба на компресорската станица на првиот дел од магистралниот гасовод, чиј максимален проток изнесува 180.000 метри кубни гас на час. Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер

(Видео) Започнува нова епизода на подкастот Зрак со д-р Марина

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!