Утрински Весник
Македонија

Работна средба меѓу ректорите на Битолскиот и Белградскиот Универзитет

Работна средба меѓу ректорите на Битолскиот и Белградскиот Универзитет

Битола, 28 февруари 2020 (МИА) – Ректорите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Сашо Коруновски и на Универзитетот во Белград, Иванка Поповиќ потпишаа меморандум за соработка фокусиран на научно-истражувачки проекти посветени на младите од двете држави.

На работната средба во Битола, двата ректори посочија дека академската заедница има обврска да создава услови младите по завршувањето на високото образование да остануваат во матичните држави.

– Ние знаеме дека нема големи или мали универзитети, туку има универзитети кои што сакаат да соработуваат и да се движат напред и универзитети кои чекаат в место. Ние сме во првата група и со колегите од Универзитетот во Белград откривме дека имаме многу заеднички сфери на кои можеме заеднички да работиме. Нашата намера е да обезбедиме пристап до меѓународните фондови, а во функција на заедничкиот интерес е новиот меморандум за соработка кој ја возобнови досегашната соработка меѓу двата универзитета, истакна ректорот на УКЛО – Битола, Сашо Коруновски.

Според ректорката на Универзитетот во Белград, Иванка Поповиќ, академската заедница треба да се соочи со реалноста, да соработува со бизнис секторот и да го спречи иселувањето на младите.

– Универзитетот во Битола ќе овозможи регионална соработка, бидејќи сите ние во регионот имаме слични проблеми и предизвици. Сакаме заеднички да размислуваме за нови вработувања на младите и запирање на иселувањето на младите од регионот. Нашата соработка и соработката со бизнис секторот е во функција на улогата на универзитетот која мора да се менува и се соочи со реалноста. Очекуваме нашите идеи да бидат поддржани од меѓународните фондови пред се програмата Еразмус, но и други можности, посочи Поповиќ

Во рамки на посетата на  Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Поповиќ одржа предавање пред студентите на Факултетот за безбедност – Скопје. мт/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме