Утрински Весник
Македонија

Тавила: Северна Македонија способна и подготвена за многу рано откривање на случаи со коронавирус

Тавила: Северна Македонија способна и подготвена за многу рано откривање на случаи со коронавирус

Скопје, 26 февруари 2020 (МИА) – Северна Македонија е способна за првично и многу рано откривање на можните случаи со коронавирус. Знае како да се справи со нив. Системот е подготвен и може да одговори на барањата за хоспитализација, смета шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава, Џихан Тавила.

Во интервју за Македонската телевизија, Тавила вели дека ако се зголеми бројот на заболени од коронавирус, постои и план Б. Сепак, нагласува таа, пристапот не е во контролата, зашто вирусот се пренесува од човек на човек и таму каде што има движење на популација е многу тешко да се контролира. Она што треба да се направи е да се обезбедат информации, а не напори за откривање кој е заразен. Мора да се пружи вистинската превенција и да се биде подготвен како ќе се изолира вирусот, наместо да се изолираат луѓето.

Според неа, многу е важно и да не се шират лажни информации, како и да не се подлегнува на шпекулации од социјалните медиуми. – Треба да одржуваме хигиена со оглед на пренесувањето на вирусот, да ги миеме рацете постојано и да избегнуваме непотребни контакти, нагласува Тавила.

– Прво да кажеме за планот А. Тоа е план земјата да биде подготвена, а тоа значи да се обезбедат опремата за заштита за оние што ќе работат со пациентите, да се осигура дека централната лабораторија во Скопје е подготвена за тестирање, бидејќи ќе ви требаат дијагнози. Тоа е примарно – да имате соодветна тревога на влезовите во земјата, на аеродромите и на граничните премини. Тоа е сега на сила. Во Северна Македонија не е првпат системот да е вака подготвен за да се справите со новиот вирус што ги напаѓа дишните патишта. Имавме неколку подготовки пред неколку години, имаше и вежби исто така за вакви епидемии, истакна Тавила.

Според неа, кога вирусот еднаш ќе се рашири, нема потреба од контрола, туку треба да им се каже на луѓето кои ги имаат симптомите да останат дома, да се самоизолираат. Системот ќе ги испита контактите на лицето кое е заразено, ќе биде префрлено во болницата и ќе му се даде вистинскиот третман.

Состојбата, додаде шефицата на Канцеларијата на СЗО, не може да се спореди со онаа во Вухан, која всушност ги изненади Кинезите зашто се соочија со нов вирус што досега не беше познат.

– Секој ден сé повеќе учиме. Во Италија имаше недостиг на некои капацитети, но вие сте мала земја што може добро да се набљудува. Добро е и што имате отворени линии во секој регион, така што луѓето може да се испитаат ако имаат некој страв. Треба да избегнеме непотребен страв или паника. Невозможно  е да се контролира вирус со таква димензија, но мора да ја пружиме вистинската грижа, вистинската превенција и во еден момент да бидеме подготвени како ќе го изолираме вирусот, а не да се изолираат луѓето. Не доаѓаат сите од Африка или Азија. Ако се Азијци не значи дека се носители на вирусот. Тоа е движење. Вирусот лесно се пренесува преку допир. Вториот начин на пренесување е преку исфрлање плунка. Луѓето треба да си ги мијат рацете цело време. Обидувајте се да ги избегнувате непотребните контакти. Кога сте во место каде што има многу луѓе, не ги допирајте лицето, очите, устата. Тоа е основната хигиена. Кога некој ќе кивне може да биде и обична настинка, кивнете во лактот и сочувајте си ги рацете, зашто со нив обично пренесувате нешто, напомена Тавила во интервјуто за МРТВ.

Светскста здравствена организација, како што рече, е во постојана комуникација со сите земји, вклучувајќи ја и нашата. мч/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ