Брисел, 25 февруари 2020 (МИА) – Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, на прес-конференцијата по денешниот Совет за општи работи на ЕУ, посочи дека сите 27 земји членки дале целосна поддршка за новата методологија на ЕУ за пристапни преговори.
– Новиот пристап беше поздравен од сите земји членки, слушнав поддршка од сите земји кои интервенираа, изјави Шефчович.
Тој истакна дека на денешниот совет станало збор за отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија како и за поголемо присуство на ЕУ на западниот Балкан, економскиот развој на регионот и фокус врз владеењето на правото.
Хрватската државна секретарка за европски прашања, Андреја Метелко-Згомбиќ, која претседаваше со денешниот совет нагласи дека за Хрватска е важно процесот на ревизија на методологијата и отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија да одат паралелно.
– За Хрватска е важно двата процеса да останат паралелни за да се создадат услови за напредок и да дојдеме до договор за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, ќе бидеме многу активни на ова поле, изјави државната секретарка.тм/см/