Малага, 25 февруари 2020 (МИА) – Малага е далеку од најблескавите моменти во поновата историја. Фудбалскиот клуб од Андалузија во сезоната 2013/14 стигна до четвртфинале во Лигата на шампиони, а оваа сезона игра во Сегунда (втора лига) и моментно е на 14-то место со само пет бода повеќе од позициите што водат во понизок натпреварувачки ранг.
Меѓутоа, наскоро може да дојдат подобри денови за Малага, а во улога на нејзин спасител да се јави Џорџ Клуни. Познатиот холивудски актер, според шпанските медиуми, е член на конзорциум кој изразил желба за преземање на клубот и со финансиско освежување да го врати на вистинскиот пат.
Ако конзорциумот, чиј член е Клуни, важи како потенцијален спасител, тогаш потенцијален проблем за зделката би можел да биде актуелниот сопственик на Малага, катарскиот бизнисмен Абдула ал-Тани кој е под суспензија за малверзации во работата. Неговите проценки за вредноста на клубот изнесуваат 86 милиони фунти што е за 30 милиони повеќе од сумата што се подготвени да ја платат Американците.
Дека има интерес од Клуни потврди и Антонио Агилера, претставник на малцинските акционери во екипата.
– Во градот моментно се наоѓа силна продуцентска куќа која од Малага сака да направи европски Холивуд. Во нашиот град се снимаат серии за потребите на Амазон, но во исто време се водат преговори и за преземање на фудбалскиот клуб. Но, не сакаат да ја платат цената што Ал Тани ја бара, истакна Агилера. сѓд/гт/