Тирана, 25 февруари 2020 (МИА) – Советот на министри на Република Албанија донесе одлука за отворање генерален конзулат во Струга. Веста ја соопшти овластениот министер за Европа и надворешни работи, Гент Цакај, во објава на Фејсбук.
Одлуката, како што наведува, е во согласност со планот за продлабочување на интеракцијата со Албанците во регионот, а конзуларната област на овој центар ќе ги опфаќа „Струга, Охрид, Битола, Кичево, Дебар, Гевгелија, Ресен/регионот на Преспанско Езеро“.
Според Цакај овој конзулат ќе има посебна улога во унапредувањето на понатамошните економски, социјални и културни односи меѓу регионот и Република Албанија.
-Ние ќе продолжиме да преземаме нови мерки во служба на зајакнување на врските со Албанците и на издигнување на албанскиот фактор во регионот, напиша Цакај.
Генерален конзулат во Струга веќе отвори Република Косово, кој исто така ќе опфаќа и други градови во регионот, како Охрид, Ресен, Битола, Прилеп, Крушево, Кичево и Дебар.вт/вј/