Куманово, 24 февруари 2020 (МИА) – Утре е ден на жалост во Куманово, едногласно одлучија советниците на денешната вонредна седница на Советот, закажана по повод вчерашниот трагичен настан во Романовце каде што во семејна куќа по експлозија на плинска боца и пожар на место загинаа три дечиња, подоцна и 58 годишен маж го загуби животот, а вкупно седумина беа повредени.
Знамињата ќе бидат истакнати на половина копје, културните, спортските и забавните манифестации ќе бидат одложени.
Советниците со едноминутно молчење им одадоа почит на загинатите.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, нагласи дека кумановци сочуствуваат со болката на семејствата Алими и Сакипи.
Тој апелираше до надлежните државни институции да ја утврдат фактичката состојба и да изнесат детали. Димитриевски во свое и во име на кумановци изрази сочуство до семејствата на настраданите, и им посака закрепнување на повредените и оние кои се борат за животите.
– Најмалку што можеме да направиме е да прогласиме ден на жалост во мултикултурно Куманово кое припаѓа на сите. Сакам да ја искажам намерата на општината и граѓаните, бидејќи во овие моменти сите сме сполетни без разлика на етничката, верската, политичката припадност, заедно со овие семејства. Стоиме на располагање да помогнеме институцинално и вонинституционално, за да колку толку се ублажи болката на членовите на семејството и на сите кумановци, рече Димитриевски.
На оваа седница се обратија и координаторите на повеќе советнички групи на СДСМ и коалицијата, Томица Илиќ, на ДУИ, Фатмир Идризи, на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Драган Петковски, советничката Наиле Османи, Осама Муадини од Алијанса за Албанците, советникот Фериз Дервиши, кои изразија сочуство до семејствата на загинатите и најавија поддршка за семејствата.
Координаторите на советничките групи и советниците се заблагодарија на ангажманот на медицинските екипи од Куманово и Скопје, како и на противпожарната единица од Куманово. Тие посакаа закрепнување на повредените. Дел од советниците побараа и поголема инспекциска контрола за производителите, дистрибутерите на плинските боци.
Пред присутните зборуваше и претседателката на советот Атина Мургашанска, која рече дека е тешко во овие моменти да се најдат соодветни зборови да се изрази сочуство на семејствата Алими и Сакипи.
– Човечки е да бидеме емотивни да ја споделиме болката на семејствата загубата е ненадоместлива. Ние како совет на општина Куманово во рамки на нашите надлежности, можности ќе ја пружиме сета поддршка, ќе обезбедиме материјална и финансиска помош кога законските услови ќе го овозможат тоа, рече Мургашанска, истакнувајќи дека треба да се засилат безбедносните мерки при продажба, дистрибуција на вакви апарати. ам/цр/