Скопје, 24 февруари 2020 (МИА) – Целосен колапс со масовно отпуштање на работниците, ѝ претстои на текстилната индустрија ако идните креатори на политиките наместо системска поддршка за поголема продуктивност во секторот, продолжат да форсираат мерки како што беше зголемувањето на минималната плата.
Ова се предвидувањата на експертите, според кои, македонскиот текстил мора итно да се преструктуира, да воведе нови, современи технологии, да го модернизира производството и да се насочи кон производи со поголема додадена вредност. Моментно, потенцијал има за производство на скијачка опрема и облека за велосипедисти.
Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, банкарското кредитирање воопшто не е проблем, но одливот на кадри (дополнително интензивирано со олеснувањата на работни визи за Германија) и натаму е меѓу најгорливите предизвици со кои се соочуваат текстилните компании. Тоа ги одвраќа од натамошни вложувања и ги тера да се пренасочат – или кон градење хотели или кон инвестирање во соларни панели.
Работодавачите бараат државата да создаде фер услови за водење бизнис преку борба со сивата економија, митото и корупцијата, реформи во образованието и структурни реформи во стопанството.
-Ниско е нивото на софистицираност на извозните текстилни производи, а тоа е една од клучните причини за ниската продуктивност на оваа индустрија. Ниската продуктивност, пак, е причина за малите плати во текстилната индустрија. Платите во ваква состојба не можат да бидат поголеми, а не можат да бидат поголеми и со некои институционални решенија од типот зголемување на минималната плата. Оваа индустрија на ова ниво на продуктивност е на работ на егзистенција. Затоа се неопходни воздржувања на креаторите на економските политики во делот на најавите за натамошно зголемување на минималната плата. Тоа нема да им наштети на сопствениците кои ќе бидат приморани да ги затворат своите фабрики, туку многу повеќе ќе им наштети на работниците кои во текстилната индустрија се преку 30.000 и тоа квалификувани, на возраст од 50 – 55 годишна возраст. Нивната преквалификација за една до две години е практично невозможна, па ако се случи таков потег на кој било иден креатор на политики во земјава, ќе се соочи со крах на оваа индустрија и прилично големи отпуштања, истакна професорот Дарко Лазаров од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Лазаров неколку пати потенцира дека платите во индустријата може да растат само ако се зголеми продуктивноста. Сами си создадовме „фама“ дека нашите работници се неквалификувани, а тоа оцени, воопшто не е точно.
-Во нормални пазарни услови платите растат само преку раст на продуктивноста. Никако поинаку, а тој пораст на продуктивноста оди тогаш кога ќе се зголеми плтата во индустријата, кога ќе се зголеми додадената вредност, а таа се зголемува кога компаниите имаат подобра техничко-технолошка опрема, производи со повисок степен на финализација. И тука нема друга приказна. Сите земји во светот што се богати, се богати зашто имаат добра производна, преработувачка и извозна структура, зашто нивните ресурси се сконцентрирани на производи со поголема додадена вредност. Да нема фама дека нашите работници се неквалификувани. Еден работник на автоматска лента во САД не е ништо попаметен од нашите кои работат мануелно на машина. Создадовме мит дека сме прости, неквалификувани ,а всушност, не може да бидете продуктивни и да имате висока индустриска норма ако работите на рачни машини. За автоматски машини се потребни помалку квалификации отколку за дреар кој обработува лим на рачна машина, рече професорот.
Претседателот на Здружението на текстилната и кожарската индустрија Ангел Димитров потврди дека неколку фабрики веќе се затворија и оти засега, состојбата е најтешка во кумановското стопанство. Преструктуирање, нагласи Димитров, мора да има, но притоа треба да се внимава да не се затворат постојните капацитети.
Просечната плата во текстилната индустрија минатата година била 17.816 денари и генерално се зголемувала во континуитет, од 2009-та наваму, додека бројот на работници е намален. Во 2009 година текстилната индустрија учествувала со 37,9 отсто во вкупниот број вработени во преработувачката индустрија, а во 2018-та учествува со 28.82 процента. Во однос на вкупната вработеност во земјава, пак, во 2009 година учествувала со 9,32 отсто, а во 2018-та со 6,32 процента.
-Платите во 2009 година во производството на облека биле 9.135 денари, а во 2018 година 15.421 денар што е 69 отсто повеќе. Во однос на просечната плата во државата, во 2009 година платата во текстилот била 46 отсто од просекот во индсутријата, а во 2018-та дури 64 проценти. Во целата индустрија, нето-платата во декември 2019 во однос на декември 2018 е зголемена за 4,1 отсто и изнесува 26.836 денари, додека во индустријата на облека има раст за 12,2 процента и изнесува 17,816 денари, напомена Димитров и дополни дека во 2012 година во текстилната индустрија работеле 1.096 компании, а во 2015 година 953 што покажува дека за пет години 143 престанале да работат.
Вкупниот извоз на текстилната индустрија (облека, обувки и кожа) лани изнесувал 543 милиони евра што е 8,5 отсто учество во вкупниот извоз на државата, но воедно и намалување од 6,5 проценти во однос на извозот во текстилната индустрија во 2018 година кога вредноста била 581 милион евра или 38 милиони помалку.
Од вкупно 475 производи со компаративна предност кои се извезуваат од земјава, 182 се од текстилната индустрија или 40 отсто. Овој извоз го генерираат 252 компании од текстилната индустрија, што е 17 отсто од 1.500-те извозни компании во преработувачката индустрија.
Продуктивноста на текстилната индустрија е 6.585 евра по работник годишно, на индустријата за облека 4.625 евра, а на кожарската индустрија 4.605 евра по работник.
Димитров информира дека за среда е најавена средба во Владата на која ќе стане збор за состојбите во текстилната индустрија. мч/лв/