Утрински Весник
Македонија

Додека индустријата бара машински инженери и технолози, младите запишуваат општествени науки, потребно кариерно насочување уште во основно

Додека индустријата бара машински инженери и технолози, младите запишуваат општествени науки, потребно кариерно насочување уште во основно

Скопје, 23 февруари 2020 (МИА) – Невработеноста на младите од 15 до 29 години во земјава е поголема од невработеноста на оние од 30 до 64 години. Според  податоците на Агенцијата за вработување (АВРСМ) 20.698 лица на возраст до 29 години се невработени. Повеќе фактори придонесуваат за оваа состојба, а меѓу нив и тоа што младите, долго по завршувањето на високото образование, чекаат да најдат работно место кое е согласно нивните квалификации, за на крај да работат, нешто што не е по нивна струка.

До 31 декемри лани, податоците од АВРСМ покажуваат дека се евидентирани вкупно 20,3 отсто од невработените лица. Вкупно 52,8 отсто или 10.921 од нив се жени, а 47,2 отсто или 9.777 се мажи.

Според школска подготовка 36,9 отсто, односно 7.629 се без или со основно образование; 3,3 отсто или 675 се со непотполно средно образование; 40,3 отсто или 8.347 се со завршено средно образование; 0,2 отсто или 50 се со вишо образование, а 19,3 отсто или 3997 се со високо образование, вклучително 323 магистри на наука.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) во изјава за МИА појасни дека невработеноста на младите е поголема од невработеноста кај повозрасните лица поради фактот што младите поминуваат многу години по завршувањето на високото образование во чекање за работно место кое одговара на завршеното образование.

-Факт е дека најголемиот број на млади луѓе се запишуваат на некој од факултетите од општествените науки, а на индустријата и се потребни електро и машински инженери, технолози и други стручни занимања. Младите кои завршиле некој факултет од опшествените науки немаат намера да се преквалификуваат и да работат нешто за што не се едуцирале, рече Димитров.

Според него, токму ова е причината што голем дел од младите својата иднина ја гледаат во странство, каде како што рече, исто така нема да работат она за што се едуцирале, но со повисоката плата го „компензираат“ овој проблем.

За надминување на овој проблем, Димитров појасни дека се потребни коренити реформи во системот на образование, кои би почнале со кариерно насочување уште во основното образование, стимулации за оние кои ќе се запишат на техничките факултети и како што рече, подигање на нивото на знаење во сите образовни институции.

-Во компанијата која ја раководам од 500 вработени само 27 се на возраст до 29 години. Ова зборува и за фактот што младите ги избегнуваат трудоинтензивните дејности поради ниските плати. Овој расчекор меѓу посакуваните работни места и работните места кои ги нуди нашето стопанство нема да можеме да го решиме за краток период и веројатно ќе резултира со континуиран пад на вработеноста во индустријата, кое нешто негативно ќе се одрази и на развојот на државата, рече Димитров.

Диплома – полесен пат до вработување, дискутабилни критериумите за селекција

Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Јасна Бачовска за МИА истакна дека доколку студентите доволно се вложат во дипломата, тогаш таа најдобро ќе го олесни патот до вработувањето.

-Секако дека универзитетската диплома го олеснува вработувањето на младите. И секој млад човек треба да се потруди таа негова диплома да вреди, односно тој самиот да и даде вредност. Прво да го одбере факултетот каде ќе студира, а потоа чесно да учи, бидејќи токму во овој сегмент ние имаме проблем. Младите се трудат на лесен начин да дојдат до диплома. Доколку доволно сте се вложиле во дипломата тогаш таа најдобро ќе ви го олесни патот на вработување. Во одредени пррофесии (лекар, архитект, правник итн) неможете да влезете без диплома, вели Бачоска.

Сепак, според професорката, поради хиперпродукција на дипломи, таа станува девалвирана.

– Мислам дека дипломата се вреднува, особено во корпоративниот сектор каде навистина менаџерите се трудат да ги соберат најдобрите студенти. Мошне вешто го евалуираат просекот или дипломата на младите кои се јавуваат како заинтересирани за работа, рече Бачовска и додаде дека во јавниот сектор малку се дискутабилни критериумите за селекција на оние кои се вработуваат поради влијание на политиката и злоупотреба на државата.

Според Димитров, факултетската диплома се вреднува само во случаите кога барањата на работодавачите се поклопуваат со видот на знаењата и умешностите што ги гарантира факултетската диплома.

За жал, како што рече, ова ретко се случува, најпрвин заради расчекорот меѓу потребните занимања и оние со кои се стекнале дипломираните студенти, а потоа и поради нивото на знаење кои го поседуваат. Тој додаде и дека работодавачите често се жалат дека нивото на стекнати знаења е толку ниско што преставува проблем за понатамошно усовршување и обука во самата компанија.

Универзитетите треба да произведуваат интелектуалци, а потоа „занаетчии“

Според Бачовска, на факултетот студентите најпрвин треба да читаат, да се стекнат со многу знаење и да стекнат способност за критичко и аналитичко мислење, затоа што како што рече, процесот на интелектуализација е важен. Универзитетите според неа, приоритено треба да произведуваат интелектуалци, а потоа „занаетчии“.

– Правниот факултет постои повеќе од 60 години и произвел многу правници кои се докажале како во земјава, така и во странство. И не само правници – практичари односно судии, адвокати, нотари, извршители, правници во многу институции и компании, туку и правници теоретичари кои денес работат/предаваат на престижни универзитети. Неблагодарни се овие дискусии за праксата т.е односот помеѓу правото како вештина и правото како знаење, додава Бачоска.

Прва и основна цел на факултетот и универзитетите, како што истакна таа, е верификација на знаење, интелектуалност и специјализација во одредена област.

-Во регулираните професии по дипломирањето мора да имате одредена пракса, така и правничката. На пример, услов за полагање на одредени државни испити (нотарски, правосуден) е пракса. Па така, студентите по дипломирањето стажираат кај нотари, адвокати, во судот итн. И таму го учат занаетот, додаде професорката.

Но заради финансиската ситуација во која се наоѓа високото образование во нашата држава, како што вели професорката, факултетите не нудат висок квалитет на студирање. Праксата, вели таа, чини и таа цена е различна во различни области.

-На пример да викнете предавач-експерт од практиката секако дека треба да го платите. Заради природата на правото и правната наука практичната настава кај нас подразбира предавање на експерти од практиката, следења на судења, посета на затвори, импровизирани судења и слично и активности од овој тип имаме, посочува Бачоска.

Од друга страна, додаде дека постојат општествено неодговорни институции кои не се доволно отворени за соработка со Универзитетите во смисла да апсорбираат студенти на работа во текот на студиите без притоа да ги искористуваат.

Покрај несоодветната диплома и недоволното знаење, Димитров смета дека загрижува и мотивираноста на младите за обука и преквалификација.

-Очигледно вработувањето на младите на работно место кое не го посакувале е само попатна станица до нивната желба за вработување во јавната администрација или заминување во странство.Овие проблеми во иднина ќе бидат главните за развој на нашата економија и потребно е многу широка акција на сите релевантни учесници во политиката за да се ублажи проблемот и да се превземат мерки кои барем на по долг рок ќе дадат позитивни резултати, вели Димитров.

Тој смета дека ниту структурата на стопанството ќе се промени за две-три години, ниту ефектите од реформите во образованието ќе дадат резултати за три-четири години.

Поради високата стапка на невработеност кај младите лица во државата, една од мерките на Агенцијата за вработување е Гаранцијата за млади што почна да се имплементира од 1 март 2018 година. Целта е, како што појансуваат за МИА од Агенцијата, подобрување на состојбата на младите на пазарот на трудот.

-Со мерката Гаранција за млади се овозможува секое младо лице до 29 години, во период од четири месеци, по евидентирањето како невработено лице во Агенцијата, да добие соодветна понуда за вработување, можност да го продолжи образованието или да биде вклучено во некоја од активните мерки за вработување. Лани имплементацијата на оваа мерка се реализираше на целата територија на земјава, преку сите 30 центри за вработување, а вклучени беа 20.302 лица, од кои 6.036 се вработиле, соопштуваат од Агенцијата.

Бисера Трајковска

Марија Спасовска

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

МЖСПП: Советничката Ирена Витина подобро да се информира, пред да изнесува невистини во јавност 

Кузмановска: Ракот не погодува само еден – туку целото семејство

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола