Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Помеѓу први и петти март ќе бидат познати носителите на пратеничките листи

Мицкоски најави проекти во енергетиката и екологијата

Скопје, 22 февруари 2020 (МИА) – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција изјави дека трае анализата и во периодот помеѓу први и петти март ќе бидат познати носителите на пратеничките листи, а недела дена подоцна ќе бидат познати и листите на пратеници.

– Видете, во моментот трае анализа, на теренот имаме анкетирање, внатрепартиско анкетирање на структурата, имаме и трет начин на проверка така што како што кажав на минатата прес-конференција во периодот помеѓу први и петти март ќе бидат познати носителите, а недела дена потоа ќе бидат познати и листите на пратеници, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Околу неодамнешната изјава на техничкиот премиер Оливер Спасовски дека очекува да се води црна кампања пред изборите, Мицкоски посочи дека не гледа што подразбира Спасовски под црна кампања доколку политичките партии создадат една кампања со која што, како што рече, само ќе ги прикажат неуспесите на политичкиот противник, ништо повеќе, ништо помалку.

-Јас навистина не гледам што подразбира тој под црна кампања доколку политичките партии создадат една кампања со која што само ќе ги прикажат неуспесите на политичкиот противник, ништо повеќе, ништо помалку. Ако очекуваат дека ние ќе ги тапкаме по рамото Спасовски, Заев и останатите, дека блескаме, тоа не можеме да го направиме затоа што имаме различно мислење. Ние мислиме дијаметрално спротивно од тоа што тие го мислат и затоа ние сме опозиција тие се парламентарно мнозинство за да ги соочиме нашите критики наспроти нивните блескања, и нашата понуда наспроти нивната понуда, па граѓаните се тие кои што ќе ценат дали тоа ќе биде црна, сива или бела кампања, ќе видиме на 12-ти април, рече Мицкоски.

На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ има капацитет за коалиција со албанска политичка партија по изборите, Мицкоски одговори дека тој ќе чека да се случи најголемата коалиција на 12-ти април, а тоа е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со граѓаните. – Чекаме да се случи, таа победа која што сите ние со граѓаните ја очекуваме во Македонија, а потоа ќе зборуваме за какви било прекројувања, лепези и слични работи, рече Мицкоски.

На прашањето дали воопшто имало преговори за предизборни коалиции со Движењето Беса, Мицкоски истакна дека секоја партија си има право на своја стратегија и во комуникација со јавноста и во комуникацијата со политичките партии.

– Доколку ете генералниот секретар на Беса тоа го вели оставаме на неговата чесност и честитост да каже дали е тоа вистина. Така што еве, немам што да додадам, ниту да одземам од тоа што вие ме прашавте и би се задржал на тоа што го кажа господинот Јанушев – можеби, рече Мицкоски.фф/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер