Струмица, 20 февруари 2020 (МИА) – Граѓаните од десетте општини од југоистокот на државата и општините Берово и Пехчево лани поднеле најмногу претставки кај народниот правобранител во Подрачната канцеларија во Струмица од областа на правосудството.
Поднесените претставки се однесуваат за оддолговлекување на постапки по поднесени тужби до Управен суд, блокирани сметки на граѓаните во банките претежно од УЈП и извршители, на средства од плати и пензии, средства за помош и нега, социјална помош, што согласно законот не можат да бидат предмет за присилна наплата.
-Одделението за присилна наплата при Управата за јавни приходи, согласно Законот за даночна постапка, воопшто не внимава при блокада на сметките и одземање на средствата, какви средства одзема и дали е тоа согласно Законот, а како изговор на Регионалната дирекција на УЈП Струмица се укажува дека решенијата за блокадите се поднесени од централата во Скопје. Граѓаните се незадоволни од постапките по поднесени тужби до Управниот суд поради одолговлекување на постапките и не се донесуваат мериторни одлуки по тужба и често е потребно подолг период за предавање на комплетниот предмет со известување за правосилност за одлуката на првостепен или второстепен орган за повторно одлучување, информира Славчо Тимов, заменик народен правобранител.
Над 900 граѓани минатата година ја посетиле канцеларијата на заменикот народен правобранител и побарале правен совет поради повреда на некое нивно право, а 167 поднеле претставки, од кои 153 се завршени, а по останатите 14 претставки постапката е во тек.
-За зголемениот број граѓани кои лани се обратиле до Народниот правобранител за остварувањето или заштитата на правата секако придонесе успешното решавање на проблемите на граѓаните по поведените постапки во претходниот период и поголемата застапеност и информирањето преку медуимите за улогата на Народниот правобранител и неговите надлежности, додава Тимов.
По претставките од правосудството, на второ место се тие од областа на урбанизмот и градежништвото, потоа имотно-правните односи и потрошувачките права, правата од работен однос и од пензиско и инвалидско осигурување, како и од областа на финансиите и царината.рт/скс/