Куманово, 18 февруари 2020 (МИА) – Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ ќе го смени начинот на плаќање. Инкасаторите веќе од наредниот месец нема да вршат наплата на терен, туку само ќе ги доставуваат фактурите до граѓаните. Јавното претпријатие ќе отвори наплатни центри на повеќе локации во градот, соопштија денеска надлежните од претпријатието.
-Досегашниот систем за наплата е сменет целосно. Имаме нов софтвер за наплата во рамки на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“. Граѓаните знаат, особено оние во приградските населби дека досега наплатата се вршеше непосредно преку инкасатори, меѓутоа согласно нормативите за работа, тоа веќе не е возможно. Инкасаторите од следниот месец веќе нема да одат на терен и да наплаќаат туку само ќе вршат достава на фактурите, а за возврат јавното претпријатие работи на отварање нови наплатни центри, информира директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски.
Тој додаде дека веќе има наплатен центар што се наоѓа во населбата „Карпош“, постоечкиот во центарот на градот, а граѓаните секогаш можат да ги платат комуналните сметки во просториите на дирекцијата.
-Наша интенција е да обезбедиме наплатен центар во близина на градскиот пазар, а во наредниот период да обезбедиме уште еден наплатен центар кај реонскиот пазар за да можат луѓето кои што гравиритаат од населбите полесно и поедноставно да ги плаќаат своите сметки, Стојчевски.
Како што појасни, дел од досегашните инкасатори ќе ги разнесуваат фактурите, а останатите ќе бидат распоредени во наплатните центри.ам/бт/