Утрински Весник
Македонија

Македонската државјанка која беше во карантин во Франција нема коронавирус и е вратена во државава

Македонската државјанка која беше во карантин во Франција нема коронавирус и е вратена во државава

Скопје, 17 февруари 2020 (МИА) – Македонската државјанка, која со посредство на амбасадите на Република Северна Македонија во Пекинг и Париз, беше евакуирана од кинескиот град Вухан и помина 14 дена во карантин во Франција се наоѓа во одлична здравствена состојба и поседува соодветен сертификат дека не е инфицирана со коронавирусот. Во координација со амбасадите во Париз и Софија, успешно е спроведена постапката за нејзино враќање во земјава и во моментот се наоѓа во Република Северна Македонија, информираат од Министерството за надворешни работи.

Македонскиот државјанин, кој има коронавирус и е хоспитализиран во болница во Јапонија, посочуваат од МНР, се чувствува добро и е во стабилна здравствена состојба, а Амбасадата на Република Северна Македонија во Токио е во постојан контакт со него.

Од МНР истакнуваат дека Амбасадата редовно комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои во моментот се наоѓаат во карантин во крузерот „Diamond Princess” во пристаништето во јапонскиот град Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и дека досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на коронавирусот. рп/ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Таткото на Вања побарал полиграф уште на првиот исказ, но обвинителството одбило

Подготвен Предлог-законот за судска служба – донесување се очекува до јуни 2025 година

Шефот на Кабинетот на Министерот за јавна администрација на свечен прием во Полска по повод 10. CAF USERS EVENT