Утрински Весник
Македонија

Шекеринска во Минхен на неформални средби со министри за одбрана

Шекеринска во Минхен на неформални средби со министри за одбрана

Скопје, 15 февруари 2020 (МИА) – Во рамки на 53-тата Минхенска безбедносна конференција, министерката за одбрана Радмила Шекеринска присуствуваше на неформалната средба на министрите за одбрана организирана од германската министерка за одбрана Анегрет Крамп- Каренбауер.

Од Министерството за одбрана соопштија дека Шекеринска имала можност да се сретне и поразговара со колегите министри, со секретарот за одбрана на САД Марк Еспер, како и со германската министерка за одбрана и француската министерка Флоренс Парли. Тема на разговоритe биле приоритетите на одбраната и натамошната соработка, а министрите и упатиле честитки на Шекеринска за членството во НАТО и изразиле подготвеност за интензивирање на натамошната соработка.

На маргините на конференцијата, Шекеринска имала одвоени средби со премиерот Албин Курти и шефот на дипломатијата на Косово Глаук Конјуфча, со парламентарниот потсекретар за безбедносна и одбранбена политика во германското Министерство за одбрана Петер Таубер, како и со генералот Куртис Скапароти – поранешен командант на американските сили и на Здружената команда на НАТО за Европа, сега во својство на претставник на меѓународната група Кохен која дава врвни експеризи од областа на одбраната и безбедноста.

– На средбите стана збор за новиот статус на Северна Македонија како НАТО членка и постигнатиот прогрес и меѓусебната соработка во одбраната, соопштија од Министерството.

Во рамки на конференцијата, Шекеринска учествувала и на тркалезната маса под наслов „Нарушување на перцепциите со цел подобро лидерство”, чија тема била улогата на жените во политиката.

–  Прогресот во родовата еднаквост не треба да се земе здраво за готово, туку е потребна континуирана посветеност. Жените во политиката често се изложени на вербално па дури и физичко насилство кои се закана за родовата еднаквост. Кога првпат влегов во Парламентот, бев само една од седумте жени. Ја видов пристрасноста зашто сум жена, зашто бев млада и зашто зборував отворено. Сега имаме Парламент со околу 40 проценти жени и да не беше системот на квоти кои го воведовме во 2002, ова немаше никогаш да биде реалност, истакнала Шекеринска. см/бак/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Мицкоски со поголема плата од премиерите на Србија, Црна Гора, БИХ и Косово

Гир: Во Брисел нема волја за менување на Преговарачката рамка

123 санкционирани возачи во Скопје, 37 за брзо возење