Битола, 15 февруари 2020 (МИА) – Во Битола почна да се гради затворен пливачки базен кој според урбанистичкиот план е лоциран во дворот на основното училиште „Даме Груев“ во овој овој град.
Инвеститор на проектот е Агенцијата за спорт и млади која обезбеди 43 милиони денари за изградба на базенот и пуштање во употреба во рок од 18 месеци, истакна Дарко Каевски, директор на Агенцијата.
-Затворениот пливачки базен ќе биде според сите стандарди и овозможува одржување на големи натпреварувања од национален и меѓународен карактер. Базенот ќе биде со должина од 25 метри и со широчина од 9 метри, ќе биде енергетски ефикасен за да заштедува и биде рентабилен, истакна Каевски и додаде дека со почетокот на изградбата на базенот во Битола се заокружува првата фаза од проектот 14 затворени пливачки базени.
Јавна поддршка на проектот и изградбата на затворен пливачки базен во Битола даде и заменик министерот во Министерството за образование и наука Елизабета Наумовска.
-За прв пат во Битола ќе има затворен пливачки базен. МОН од самиот почеток ја препозна потребата за развивање на здрав спортски дух кај младите и затоа ја поттикнавме оваа поддршка на Агенцијата како што е изградбата на затворениот пливачки базен кој ќебиде во функција и на наставните програми во ова и другите битолски училишта, истакна Наумовска.
Според градоначалникот на Битола Наташа Петровска, реализацијата на проектот и донесената одлука на Агенцијата за спорт и млади и резултат на успешната соработка меѓу локалната и централната власт.
-Се радувам со тоа што Битола се најде на мапата на овие активности и денес почнува да работи изведувачот. Оваа ситуација потврдува дека не зборуваме со ЌЕ-се гради базен, туку почна изградбата на затворен пливачки базен. Со овој проект се овозможува анимирање на младите, учениците ќе го користат за школските активности, а ќе биде отворен и за граѓаните, најави Петровска.
Агенцијата за спорт и млади ја поддржа реконтрукцијата и на кугларницата во Битола како и спортски ваучери кои се резултат на добро лобирање на локалната самоуправа беше посочено на денешниот промотивен настан во овој град. мт/дма/