Скопје, 14 февруари 2020 (МИА) – Блоковите В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се реновирани и денеска беа официјално пуштени во употреба, со што најголемиот студентски дом во државата е целосно обновен и воедно енергетски ефикасен.
Во овие два блока се инвестирани 2,7 милиони евра – 2,3 милиони евра се за реновирање и модернизација и околу 400 000 евра за мебел и санитарии. Покрај реновираните соби во кои студентите се сместени, помошните заеднички простории на еден од катовите се пренаменети во простории за спортски и рекреативни активности со вградена вентилација.
Премиерот Оливер Спасовски по посетата на блоковите денеска изјави дека тие се реновирани по современи стандарди и со целосно новата опрема им овозможуваат иделани услови за студентите.
-Со ова завршува комплетното реновирање на „Гоце Делчев“ каде што ќе може да бидат сместени околу 1200 студенти или 30 проценти од капацитетот што го има Студентскиот центар. Тука не застануваме, треба да се заврши до крај проектот за партерно уредување на овој дом. Исто така, во крајна фаза е проектот за студентскиот комплекс „Стив Наумов“ каде што целосно ќе се реновира зградата 1 и 2, а за подобрувањето на условите во иднина ќе треба да се заврши и реновирањето на заедничките простории на домот „Кузман Јосифовски-Питу“ и таа зграда да се направи енергетски ефикасна. Многу време нема вложување во овој сектор, МОН во овој период заедно со Студентскиот центар направи низа активности со цел да се обезбедат финансии за прокети и тоа да може да го завршиме на најдобар можен начин, рече Спасовски.
Ја спомна и мерката „Оброк за секој студент“ која предвидува 2.400 денари месечно по студент, што им се исплаќа на операторите кои ќе обезбедуваат храна. Важно е, рече Спасовски, што првпат по 16 години е променето менито во студентските домови на задоволство на студентите.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми истакна дека Владата и МОН се посветени на унапредување на стандардот на студентите и во таа насока, рече, е направена измена на Законот за студентски стандард заради дополнителна финансиска поддршка за да се обезбеди функционалност на сите студентски домови низ целата држава, како и на ученичките домови.
– Само во 2019 година имаше рекордна финансиска поддршка од Владата за подмирување на долговите на сите студентски домови. Продолжуваме со реновирање и модернизација на инфраструктурата и во другите студентски домови. Лани потпишавме договор со КФВ за 25 милиони евра за седум студентски домови – во Битола, Охрид, Штип, Прилеп и Скопје. Тие ќе почнат да се реновираат во оваа, 2020 година, а проектот ќе се финализира во 2024 година. Со тоа ќе се заокружи процесот на реконструирање и обезбедување пристојни услови за нашите студенти какви што тие и заслужуваат, истакна Адеми.
Директорот на Државниот студентски центар Дарио Николовски изјави дека пред две години кога ја презел функцијата оваа институција имала долг од над 300 милиони денари што сега е преполовен.
-По само две години долгот е преполовен и изнесува 147 милиони денари. Огромен долг од над 100 милиони денари имавме за режиски трошоци, кој сега изнесува 20 милиони денари. Со намалување на проблемите што ги имавме поради старите инсталации и финансиските импликации, сега веќе не се соочуваме со проблеми што ги имавме минатите зими – студентите да немаат топла вода за бањање, парно греење итн, рече Николовски.
Во однос на греењето во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ во центарот на Скопје соопшти дека се изработени три проекти – за нова топлотна станица, комплетно нова инсталација и промена на начинот на греење од мазут на централно греење. Проектите се веќе направени и се работи на нивна ревизија. Доцнењето е поради старата инсталација во овој дом во центарот на Скопје.
– Се појавија непредвидени работи – стари инсталации кои не можат да ги предвидат реновирањата што треба да се случат. Ќе треба да се направи комплетно реновирање и на инсталациите за да може да се реализира проектот на промена на греењето во тој студентски дом. Од таа причина доцниме, но проектите се завршени. Штом заврши ревизијата, многу бргу ќе биде распишан и јавниот повик за промена на греењето во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ , додаде директорот на Државниот студентски центар. хс/мс/
Отворање на реновираните блокови во студентскиот дом „Гоце Делчев“
Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје денеска официјално беа отворени реновираните блокови В и Г.
Posted by MИА.mk on Петок, 14 февруари 2020