Крушево, 14 февруари 2020 (МИА) – Од денеска до 16 февруари, Крушево е домаќин на второто издание на фестивалот „When in Krusevo – Winter is Here“ (Кога си во Крушево-зимата е тука“). Организаторите велат дека очекуваат голем број учесници кои ќе го следат фестивалот и ќе бидат дел од богата рекреативна програма, а сместувачките капацитети се исполнуваат со посетители од целата држава.
Второто издание на фестивалот носи по неколку илјади туристи во Крушево, најмногу поради фестивалските содржини кои вклучуваа: чист воздух, фото тура, рекреативна пешачка тура, зимски тандем-параглајдинг, зимско јавање на коњи, дегустација на вкусни крушевски специјалитети и луда забава, овој пат на прекрасните ски-терени на „Станич“ и ресторан „Алто“.
Според програмата, во текот на денешниот ден ќе пристигнат учесниците.Од собирното место утре околу 10 часот пред Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење ќе почне саботната рекреативна тура што опфаќа: рекреативна планинарска тура од околу 5 км или, по избор, подолга тура до месноста „Слива“ што е 8 километри. Од 10 до15 часот е Зимски тандем-параглајдинг, а потоа е јавањето на коњи. Во текот на денот има забава на отворено за учесниците со „DJ Bapcu“ како и рок журка со „Backdoor Band“. Вечерна забава ќе обезбеди групата „The Hounds“, вечерната забава е со „DJ Taseski“ и со „DJ Pece“.
В недела преку денот има забава на ски-терените во месноста „Станич“, зимски тандем-параглајдинг како и нова авантура со јавање коњи.
Крушевскиот градоначалник Томе Христоски смета дека „When in Krusevo“ има голем потенцијал и сериозно ја збогатува туристичка понуда на градот.
– Досега имавме неколку изданија на летното и зимското „When in Krusevo“, настан кој Општината активно го поддржува зашто покажа голем потенцијал и сериозно ја збогати нашата понуда. И годинава очекуваме двете изданија на фестивалот да донесат над 6 000 туристи во нашиот град, вели Христоски.ем/фф/