Утрински Весник
Македонија

Преку соработка со НВО до повеќе објавени анонимизирани пресуди

Преку соработка со НВО до повеќе објавени анонимизирани пресуди

Скопје, 13 февруари 2020 (МИА) – На веб-страницата на Основниот кривичен суд Скопје од денеска почна објавувањето анонимизирани пресуди според приоритетите што ги бараат судиите. Тоа е овозможено со потпишаниот меморандум за соработка со невладината организација (НВО) „Коалицијата сите за правично судење“ за реализација на првиот заеднички проект „Канцеларија за анонимизација на пресуди согласно одредбите од ЗКП и Законот за движење на судските предмети“.

Во рамките на пет-месечниот проект, пет обучени волонтери, кои ги имаат потпишано сите предвидени сертификати за заштита на лични податоци и доверливост, ќе вршат анонимизација на пресудите и ќе ги објавуваат на веб-страницата на Судот во насока на подобрување на транспарентноста и отвореноста на институцијата.

-Започнавме со интензивна соработка со Основниот кривичен суд во Скопје особено на зголемување на транспарентноста во работењето на Судот. Во таа насока ги зголемуваме капацитетите на Судот од аспект на човечки ресурси преку проектот кој го имплементираме со поддршка на Шведската агенција за поддршка и развој СИДА. Идејата е да му овозможиме на Судот да го зголеми процентот на транспарентност преку јавно објавување на одлуките кои ги донесува, односно пресудите – паравосилни или не правосилни, изјави Натали Петровска од Коалицијата сите за правично судење.

Таа посочи дека е прилично напорно Судот да испорача резултат каков што очекува јавноста со постоечките капацитети што ги имаат и токму затоа, како што рече, идејата е да помогнеме.

-Основниот кривичен суд ќе овозможи посебна просторија за Коалицијата сите за правично судење во која граѓаните ќе можат полесно да пристапат до правда, односно ќе биде канцеларија за бесплатна правна помош и мониторниг на судски постапки во рамките на овој Суд, рече Петровска.

Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев посочи дека денеска на некој начин им станува партнер Коалицијата сите за правично судење, чија примарна цел на е владеење на правото и детектирање на одредни аномалии при судските процеси, која, како што кажа, во минатото беше поприлично критички настроена кон Кривичниот суд и генерално кон судството.

-Она што во минатото беше незамисливо сега е реалност. Тие обезбедуваат ресурси за да можат да се анонимизираат што е можно повеќе пресуди што се во фокусот на јавниот интерес кои ќе и бидат достапни на јавноста, рече Џолев и изрази надеж дека соработката ќе продолжи и во иднина.

Во системот досега се анонимизирани 16.626 пресуди. вј/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме