Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – По сеопфатна истражна постапка, надлежен обвинител од Основното јавно обинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против шест лица. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи предвидено и казниво по член 396 од Кривичниот законик.
-Во текот на месец октомври 2018 година, првообвинетиот како организатор, со уште тројца обвинети, создал организирана криминална група која до февруари 2019 година, неовластено изработувала, држела, продавала и посредувала во трговија со огнено оружје и муниција во поголемо количество. Првообвинетиот набавувал пиштоли за светлосна и звучна сигнализација од непознато место и му ги давал на второобвинетиот, кој во неговата работилница со употреба на пригоден алат неовластено изработувал огнено оружје. Тој ги вадел цевките што служат за испукување на гасен куршум и со дополнителна неовластена механичка интервенција монтирал метална жлебена цевка, со која овозможувал преправеното оружје да се употребува како огнено оружје за истрелување на проектили од пиштолска муниција обично со калибар 7,65мм. На ваков начин гасните пиштоли ги пренаменувал во огнено оружје кое може да се употребува за нанесување на тешки повреди со смртни последици, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Членовите на криминалната група потоа, пронаоѓале заинтересирани лица во земјава и го продавале огненото оружје за цена од 150 до 400 евра. Како купувачи се појавуваат осомничени и обвинети лица во други кривично – правни настани, а повремени купувачи се и двајца обвинети во овој предмет.
Со обвинителниот акт, надлежниот обвинител достави и предлог за одземање на огненото оружје, муницијата и средствата за нивно изработување, пренесување и растурање. дма/