Дортмунд, 11 февруари 2020 (МИА) – Повратникот во Бундеслигата, Емре Џан е разочаран од она што го видел од неговите соиграчи во Борусија Дортмунд по првите два меча за овој клуб. Минатата недела клубот од Вестфалија забележа два порази, откако дозволи 7 гола – 2:3 против Вердер Бремен за Купот на Германија и 3:4 против Баер Леверкузен.
Џан, кој доаѓа од цврст дефанзивен тим како Јувентус, има што да сподели како искуство.
– Овој тим треба да разбере една работа. Ќе кажам директно, толку грубо како што звучи: понекогаш мора да играте валкано и ако е потребно да извршиш фаул. Сите мора да се браниме како целина – од преднио до задниот ред. Не зборувам само за голманот и дефанзивците, туку за сите. Тоа беше камен на сопнување, но сезоната е сè уште пред нас. Верувам во овој тим. Јас лично ќе давам се на тренинзите за да му помогнам на тимот, затоа што знам за себе дека можам да играм подобро. Ќе го видите ова со текот на времето, изјави Џан.
Борусија Дортмунд сè уште има шанси за титулата во Германија и ќе учествува во осминафиналето во Лигата на шампионите, каде ривал е Пари Сен Жермен.