Утрински Весник
Македонија

Џафери – Ди Мајо: Италија е меѓу десетте најзначајни економски и трговски партнери на Северна Македонија

Џафери – Ди Мајо: Италија е меѓу десетте најзначајни економски и трговски партнери на Северна Македонија

Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република Луиџи Ди Мајо.

Претседателот  на Собранието Џафери, како што соопшти неговиот кабинет, се заблагодарил на силната и безусловна италијанската поддршка во сите клучни фази од евроатланските интеграции на нашата земја. Тој информирал за очекувањата и перспективите на Република Северна Македонија во контекст на НАТО и ЕУ, како и активностите на Собранието во пресрет на парламентарните избори. Истакнувајќи дека Италија постојано е меѓу десетте најзначајни економски и трговски партнери на Северна Македонија, Џафери изразил надеж дека стапувањето на земјата во НАТО ќе придонесе за поголема застапеност на италијанскиот капитал.

Министерот Ди Мајо изразил задоволство што престојува во Република Северна Македонија на овој значаен историски ден, кога во Собранието на Република Северна Македонија ќе биде ратификуван Северноатланскиот договор.

Членството на Република Северна Македонија во НАТО, според Ди Мајо несомнено ќе овозможи зголемен влез на италијански компании во земјава, пред сѐ во полето на интернет технологиите и сајбер безбедноста.

Министерот за надворешни работи на Италијанската Република го поздравил напредокот постигнат од Република Северна Македонија и посочил дека преостанува заеднички да се работи на постигнување на легитимната аспирација за членство на земјава во ЕУ, односно валоризирање на постигнатите реформски резултати.

Соговорниците изразиле уверување дека новата методологија на ЕУ за водење преговори ќе придонесе за поттикнување на политичката волја за проширувањето и ќе го подобри пристапниот процес.

На крајот на средбата, Џафери и Ди Мајо го нагласиле интересот за продлабочување и интензивирање на севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Италијанската Република, имајќи предвид дека со членството на земјата во НАТО и започнувањето на преговори за членство во ЕУ, ќе се отворат дополнителни можности за поблиска соработка. дма/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

МЕТЕОАЛАРМ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Следната седмица ни следуваат многу дожд и локално невреме

Министерката Димитриеска-Kочоска во работна посета на САД

Љутков: Доцнењето е поради долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите на вработените во културата, извинете за оваа непријатност