Велес, 11 февруари 2020 (МИА) – Во насока на привлекување на што поголем број туристи и посетители, Општина Градско обезбеди средства за реализација на проектот за изградба – асфалтирање на главната улица во село Подлес во должина од 500 метри, од влезот на селото – чешмата до црквата во вредност од 3 милиони и 284 илјади денари. Средствата се обезбедени преку Министерството за локална самуоправа – Биро за регионален развој и Центарот за развој на Вардарски плански регион.
Како што информираат за МИА од Општина Градско градежните работи ќе почнат претстојната пролет.
Селото Подлес се наоѓа на 17 километри југозападно од Градско, богато е со вода и има шест чешми. Распослано е на потоците Ризовец и Карапеовец во подножјето на Ветерско и Шумарот. Во околината на селото исто така има повеќе извори и чешми.
Подлес е типично македонско село од збиен тип. Во селото се наоѓаат зачувани куќи со стара архитектура,кои се изградени со плочи и камења,со убави дрвени чардаци, а до селото водат калдрмисани сокачиња.
До селото води асфалтиран пат од општинското седиште Градско, а на самиот влез во селето се наоѓа и вештачкото Подлешко Езеро. Тое е убаво уредено со видиковци, а општина Градско интензивно го подготвува овој убав и интересен крај во подножјето на планината Клепа со врвот Клепа да биде привлечен за туристите, како и самото село со автентчната стара архитектура.
Селото е се поинтересно и за љубителите на планината – рекреативците и планинари, а тоа е една од две почетни станици за искачување на врвот Клепа на 1.150 метри надморска височина, а кој третпат изминатата недела го организираа Општина Градско и Росоман заедно со ЕГ „Грин Пауер“.
Од Општина Градско потенцираат дека работат на проект за популаризација на ова интересно село и вештачкото Подлешко Езеро на самиот влез во селото да станат атрактивна туристичка дестинација. ад/мд/