
Сообраќајот на сите државни и регионални патишта низ државата се одвива по влажни коловози, а сите патни правци се проодни за сообраќај и се чистат од снег со сета расположлива механизација која активно работи на патиштата низ државата, информира ЈП „Македонија пат“.
-Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта со сите расположливи ресурси на терен активно работи во чистење на патиштата и создавање на услови за непрекинато одвивање на сообраќајот низ цела Македонија. Информираме дека се ангажирани сите дежурни екипи на сите критични превои. Исто така подготвена е цела механизација, потребен број на работници и обезбедни се потребните количества на сол и ризла со цел одржување на непрекинат и безбеден сообраќај – велат од ЈП „Македонија пат“.
Упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот, да возат внимателно, да ја прилагодуваат брзината според условите на патиштата, задолжително да поседуваат зимска опрема и возењето да го прилагодат согласно временските услови на патот.


