Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: Чупиќ му даде предност на Охрид пред Брисел, покажувајќи колку му значат соседите

Whatsapp image 2026 11 27 at 17.26.12.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува дополнително подобрување на односите меѓу Македонија и Србија по парламентарните избори во соседната земја и формирањето на новите државни органи.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по самитот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид, претседателката оцени дека меѓу Скопје и Белград нема отворени и нерешени прашања.


„Српско-македонските односи се добри. Очекувам уште подобри да станат. Мислам дека нема нерешени проблеми меѓу нас“, рече Сиљановска-Давкова.

Во однос на политичките промени во Србија, таа нагласи дека моделот на демократија и внатрешното политичко уредување се прашања за кои одлучува секоја држава самостојно.

Претседателката посебно го издвои присуството на Александар Чупиќ, претседател на српското Народно собрание и вршител на должноста претседател на Србија, на денешниот самит во Охрид.

Според Сиљановска-Давкова, со одлуката да му даде предност на Охрид пред Брисел, Чупиќ покажал колкаво значење им придава на односите со соседните земји.

Таа изрази очекување дека по завршувањето на процесот на формирање на државните органи во Србија, двете земји ќе ги продолжат разговорите за прашањата од заеднички интерес и надвор од рамките на Процесот Брдо-Бриони.

Како основа за натамошно унапредување на билатералната соработка, Сиљановска-Давкова ги посочи добрите односи меѓу граѓаните на Македонија и Србија, меѓусебното разбирање и подготвеноста за дијалог.

Можете да прочитате

Сиљановска-Давкова: Не побарав од Милановиќ и Пирц Мусар да застанат на наша страна во спорот со Софија

Расправија преку телефон завршила со убиство на Един Шкријељ кај Смилковско Езеро

Синдикатот објави некролог откако Уставен го укина Колективниот договор во културата