
Британското Министерство за одбрана им порача на воените резервисти да се подготват за евентуален повик за војна, објавува британскиот „Телеграф“. Според весникот, за прв пат по Студената војна, испратени се писма на адресите на околу 100.000 стратешки резервисти, со кои им се нуди можност доброволно да учествуваат во обуки и воени вежби, како што е големата вежба на НАТО „Стедфаст Дефендер“ следната пролет.
Писмата беа испратени до припадниците на сите три рода на вооружените сили и беа потпишани од нивните команданти. Од резервистите се бара и да ги ажурираат своите контакт информации и да ги наведат своите тековни занимања и вештини.
Овој потег доаѓа во време на растечки закани од Русија, додека Владимир Путин ја тестира решителноста на НАТО. Минатата недела, Русија испали крстосувачки ракети и беспилотно летало кон источна Полска, само сто километри од местото на воена вежба предводена од Велика Британија, на истиот ден кога британскиот секретар за одбрана и началникот на воздухопловните сили ги обиколија трупите таму.
Во среда беше објавено и дека Британските кралски воздухопловни сили (RAF) преместуваат авиони во хангари преку ноќ и планираат да инсталираат заштитни мрежи за да ги заштитат од напади со беспилотни летала врз британските бази.
Министерот за одбрана Вес Стритинг претходно предупреди дека Велика Британија мора да биде подготвена за војна во рок од илјада дена и дека, со партнерите, мора да биде „подготвена да се бори и да победи“. Во разговор за Скај њуз во четврток наутро, Стритинг рече дека Велика Британија работи во „засилена средина со закани“ и дека повикувањето на резервисти е „разумна и неопходна мерка на претпазливост“.


