Утрински Весник
Македонија

Зошто „Алта пеј“ била одбиена, а АЛТА банка добила зелено светло? Филипче бара одговори

Img 9041.jpeg

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара од Владата и од Народната банка да објаснат како бил проверен кредибилитетот на Давор Мацура пред да се одобри влезот на АЛТА банка на македонскиот пазар. Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој ја обвини власта дека дозволила преземање без соодветна проверка на инвеститорот и рече дека последиците ги чувствуваат граѓаните и компаниите кои не можат целосно да располагаат со своите средства.

„Една од главните работи што се проверува е кредибилитетот на сопственикот на банката. Како го провериле кредибилитетот на Давор Мацура, кој сега е во притвор?“, праша Филипче.


На прашањето дали проверката е во надлежност на Народната банка, Филипче одговори потврдно. Тој оцени дека во постапката за влез на инвеститорот не биле испочитувани основните принципи и законските барања.

Лидерот на СДСМ се повика и на интервју на премиерот Христијан Мицкоски. Според тоа како Филипче го пренесе интервјуто, првиот обид за влез преку компанијата „Алта пеј“ бил одбиен, а подоцна било одобрено преземање преку АЛТА банка.

„Истиот човек се обидува преку едната фирма, а сега влегува преку ‘АЛТА банка’“, рече Филипче и праша што се променило меѓу двете постапки.

Филипче изнесе и тврдење дека на владина седница им било укажано на јавни претпријатија да ги продадат своите акции во банката. Според него, со таа продажба Мацура би стекнал дополнителен акционерски пакет.

„Зарем не се раѓа сомнеж дека тоа е претходно договорено?“, праша лидерот на СДСМ.

Говорејќи за случајот во Србија, Филипче се повика на сомнежи за незаконско потекло на средства и за извлекување пари од белградската банка. Тој рече дека тие сомнежи се причина македонските институции да дадат одговор како го провериле инвеститорот.

Филипче ги прозва премиерот Мицкоски и гувернерот Трајко Славески, тврдејќи дека не реагирале на предупредувањата што СДСМ ги упатувал на прес-конференции.

„Банка која е во стечај во Србија и наши граѓани и компании кои не можат да стигнат до парите. Еве што е крајниот резултат“, рече Филипче во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Можете да прочитате

Николоски во ноќна посета на рехабилитација на автопатот пред ГП Богородица

Филипче го оспори кредибилитетот на Мицкоски

Во Скопје протестен марш на „Ниту една повеќе“: Нема да дозволиме да закопате уште една жена