
Скопската бискупија упати апел до сторителите на кражбата во католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје, барајќи украдената Пресвета Причест да биде вратена достоинствено и со должна почит.
Во текот на ноќта меѓу 24 и 25 ноември од црквата била украдена дарохранителницата во која се чуваат осветените хостии. Случајот е пријавен во полиција, а во тек е истрага.
Од Скопската бискупија изразуваат длабока загриженост поради немилиот настан, нагласувајќи дека Пресветата Причест има исклучително значење за католичките верници.
„За Католичката црква Пресветата Причест е најсветиот дар доверен на Црквата и средиште на нејзиниот литургиски и духовен живот. Поради тоа, нашата најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени“, велат од Скопската бискупија.
Наместо осуда, од Црквата упатија порака до лицето или лицата кај кои се наоѓаат осветените хостии, повикувајќи ги да ги вратат што е можно поскоро.
„Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата. Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит“, се наведува во соопштението.
Бискупијата апелира и до граѓаните кои располагаат со информации што би можеле да помогнат во пронаоѓањето на украдената дарохранителница и Пресветата Причест да се обратат до надлежните органи.
Истовремено, католичките верници се повикани да се соединат во молитва за пронаоѓање и достоинствено враќање на Пресветата Причест, но и за покајание и помирување.
„Нека овој немил настан биде и повик до сите нас за уште поголема почит кон она што е свето“, порачуваат од Скопската бискупија.


